Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, денеска упати апел до политичките партии итно да престанат со инциденти и порача дека насилството во предизборниот период може да донесе само штета на кандидатите, на партиите, на изборниот процес и на државата.

Чичаковски во името на ДИК остро ги осуди сите досегашни инциденти во пресрет на локалните избори, закажани за 15 октомври. Инцидентите, нагласи претседателот на ДИК, го нарушуваат демократскиот амбиент и изборниот процес и треба веднаш да престанат.

– Насилството никогаш не е решение. Тоа не му помага никому и може само да донесе штета на кандидатите, на партијата, на изборниот процес, на државата. Уште еднаш апелираме итно да престанат сите негативни појави, апелираме на почитување на противкандидатите и за фер и демократски избори. Изборите се добиваат на 15 октомври со јасно изразена волја на граѓаните, со голема излезност и со индивидуално право на секој граѓанин да гласа за оние кандидати кои смета дека се најдобри, а не со насилство – изјави претседателот на ДИК.

Чичаковски потсети дека кандидатите за градоначалници и за советници, како и политичките партии, потпишаа кодекс за фер и демократски избори, со што се обврзаа дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и на доброто владеење и дека ќе придонесуваат за демократски развој на општеството.

– Секое насилство, инцидент, непочитување на политичките опоненти во изборниот процес, е спротивно на кодексот, на законите, правилата и на прописите на Република Македонија кои се релевантни за изборите – рече Чичаковски.

Тој, во име на ДИК, ги повика надележните институции да ги расветлат инцидентите и да ги казнат сторителите, а политичките партии да придонесат кон смирување на страстите.