fbpx

Четврти ден северот на Косово е блокиран, граничните премини Јариње и Берњак се затворени, не работат и училиштата

-

Северниот дел на Косово е блокиран веќе четврти ден, граничните пунктови Јариње и Берњак се затворени, а не работат и училиштата.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина и таа во Белград во заедничко соопштение повикаа на отстранување на барикадите поставени во тие области.

По САД, реагираше и Велика Британија, која исто така соопшти дека очекува отстранување на дивите барикади поставени на патиштата кои водат до двата гранични пункта во Берњак и Јариње.

Во меѓувреме, во Косово продолжува да престојува специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој вчера имаше средба со шефовите на држави на која се разговараше за последните случувања на северот.

Фото: Мета.мк

Вечера долг состанок посветен на состојбата во Косово имаа и министрите за надворешни работи на ЕУ. Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел изрази  разочарување додека зборуваше за двете земји аспиранти за членство во ЕУ од Западен Балкан, Косово и Србија.

„Веќе не сме подготвени да го прифатиме ова. Оваа ситуација мора да заврши“, истакна Борел, додавајќи дека од август регионот живее во маѓепсан круг на тензии, провокации и акции што ескалираа во последните неколку дена и предизвикаа сериозни безбедносни инциденти, вклучувајќи го и нападот со шок бомба врз мисијата ЕУЛЕКС и врз косовската полиција.

„Оваа ситуација мора да заврши и да се отстранат барикадите. Мора да се врати мирот. Советот на ЕУ јасно ги повика двете страни да се смират и да се воздржат од насилни и провокативни акции“, додаде Борел.

Тој истакна дека веќе 14 години ЕУЛЕКС со стотици адвокати, судии и полицајци се обидува да изгради владеење на правото во Косово.

Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца кој е во дводневна посета на Северна Македонија оцени дека Србија со своите постапки во последните денови сака да го дестабилизира и подели Косово и затоа сака натамошна ескалација.

Коњуфца рече дека „регионот не е целосно имун на влијанието на Русија“ и дека „тоа е особено забележливо во последните денови во акциите на Србија во однос на Косово.

„Овие акции на Србија се неприфатливи и нивната цел е дестабилизација на државата Косово и поделба на државата Косово. Ние како народ стоиме заедно, обединети во осудувањето на овие постапки на Србија и одбраната на слободата и демократијата во Косово“, изјави Коњуфца.

Според него, Косово е посветено на дијалог за решавање на секое отворено прашање и најостро го осудува јазикот на омраза, насилство и барикади што се прават намерно, со знаење на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Ние сакаме и добрососедски односи со Србија, но тоа не е нешто што ние одлучуваме. Ова е избор на Република Србија, а меѓународната јавност и ЕУ се свесни за овие постапки. Сите сме свесни дека нашите две земји ќе имаат нормализирани и вистински добрососедски односи само кога Република Србија меѓународно ќе ја признае Република Косово“, рече Коњуфца.

Тој истакна дека во последниот месец Косово презеде два чекори кои беа во целосна согласност со САД и ЕУ: „постигнување договор за регистарските таблички на возилата и одложување на изборите на северот на Косово, а сега е на ред Србија да направи чекор“.

„Од друга страна, Србија одговори со поддршка на експонентите на организираниот криминал на северот на Косово, кои преземаат чекори кои не се во согласност со нашите закони. Нема да дозволиме Вучиќ да командува со територијата на Косово преку овие банди“, рече Коњуфца.

Северот на Косово сè уште е блокиран, американски дипломати денес ќе се сретнат со косовските лидери

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...