Четири стрипа наградени на четвртото доделување на наградата за необјавени стрипови – Лифт

Издавачката куќа Темплум во 2021 година го распиша четвртиот конкурс за доделување на наградата Лифт #4 за најдобар необјавен македонски стрип.

Во избор на тричлена жири комисија која беше составена од Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Трајановски во просториите на КСП Центар – Јадро, како победници за минатата година беа избрани 4 стрипови при што беа доделени три награди.

Првото место го доби Гоце Илиевски со својата стрип-приказна претставена на девет табли, „Solar System Recipe“ што беше опишана како професионален труд. Втората награда припадна на Гаја Смилевска за својот синхронизиран и суптилен црно-бел цртеж „Dear Father“. Третото место го делат два стрипа, стрип-сликовницата за деца и возрасни, „Осамената зима“ на Јована Веинова Трајанова и ефективна приказна создадена на само две табли, „Прошетка“ од Владимир Илиевски.

На конкурсот пристигнaле 17 стрипови од 13 автори.

„Според воедначеноста на квалитетот ова е најдобриот конкурс досега. Поголемиот дел од седумнаесетте стрипови лесно можеа да ги добијат наградите, нијанси ги раздвојуваа во оценките. За жал, имаме само три награди.“, велат од „Темплум“.

„Solar System Recipe“ може да се прочита тука.