Вкупно четири проекти од општините од Источна Македонија ќе влезат во програмата за финансирање во Програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година.

На состанокот на градоначалниците во Македонска Каменица, министерот за локална самоуправа, Сујхел Фазлиу кажа дека со буџетот за наредната година, предвидени се двојно повеќе средства за рамномерен регионален развој и од 4,5 милиони евра и тој износ е зголемен на 7 милиони евра.

– Споредено со 2017 година имаме зголемување на средствата за рамномерен регионален развој за 100 отсто. Со значителното зголемување на средствата за 2019 година, се очекува и зголемување на бројот на проекти за околу 50 отсто, или пак можеби планските региони ќе се определат за помалку проекти со поголема вредност и поголемо влијание на развојниот потенцијал на планскиот регион – рече Фазлиу.

За следната година, со одлука на градоначалниците, од Програмата за рамноправен регионален развој ќе биде финансиран проектот на Општина Берово, за изградба на пешачка патека покрај реката Брегалница, Општината Пробиштип ќе гради регионален туристички Научен музеј за ретки минерали, во Зрновци ќе биде финансираната втората фаза од изградбата на Етно паркот, додека Општина Облешево – Чешино го доби проектот за изградба на фекална канализација.

Во оваа 2018 година, од Програмата за рамномерен регионален развој во осумте плански региони се финансирани 98 проекти, од кои 11 во Источниот плански регион, во вкупна вредност од 34 милиони денари.