fbpx

Четири од десетте најфреквентни патишта не се автопати, Тетово-Гостивар и натаму со најмногу сообраќај [инфографик]

-

Огромно намалување на сообраќајот во 2020 година е забележано на патниот Коридор 10, а автопатот Тетово-Гостивар и во ковид кризата останал најфреквентен патен правец во земјава. Податоците кои „Мета.мк“ ги побара и ги доби од Јавното претпријатие за државни патишта покажуваат дека со Просечен годишен дневен сообраќај (ПГДС) од 13.647 возила, автопатот Тетово-Гостивар и во 2020 година имал најмногу сообраќај. Колку за потсетување, на оваа автопатска делница ѝ е потребна итна рехабилитација, за што „Мета.мк“ веќе во неколку наврати пишуваше.

Сепак, податоците собрани од фиксните автоматски бројачи на возила на патиштата велат дека дури четири од десетте најфреквентни патни правци во земјава не се изградени на ниво на автопат или експресен пат. Веќе со години наназад, меѓу трасите на кои има најмногу сообраќај е магистралниот пат Струмица-Ново Село, на кој лани во просек биле регистрирани 10.302 возила дневно. Тесно сообраќајно грло е и патниот правец Струга-Вевчани, чиј ПГДС во 2020 година изнесувал 10.524 возила.

На листата на десетте најфреквентни патишта во 2020 година се наоѓаат и магистралниот пат Охрид-Пештани, кој има огромен наплив на сообраќај во летниот период, иако ширината на дел од овој пат ниту оддалеку не одговара на остварениот ПГДС лани од 9.192 возила. И на стариот пат од Скопје за Велес, на трасата меѓу Маџари и Катланово, лани биле регистрирани во просек по 8.395 возила дневно, иако коловозот на овој патен правец веќе подолг период е преполн со дупки и му е неопходна итна реконструкција.

Најспроти ова, податоците од мерењето на фреквенцијата на возилата во 2020 година покажуваат дека ковид кризата влијаела на драстично намалување на сообраќајот на автопатот долж Коридор 10. Па така, на автопатот Куманово-Миладиновци лани е регистриран ПГДС од 5.837 возила, додека на делницата Петровец-Велес и обратно само 7.754 возила. Другите автопатски делници од Табановце до Гевгелија имале и помало ниво на сообраќај. Новиот автопат Миладиновци-Штип лани имал просечна фреквенција од 6.398 возила дневно.

Наспроти ова, податоците покажуваат дека онаму каде што се градат нови патишта, речиси и да нема поместување на нивото на сообраќај лани во споредба со претходните години. Па така, делницата Страцин-Крива Паланка и во 2020 година имала скромен ПГДС од 2.295 возила, иако во еден нејзин дел се гради нов експресен пат. На регионалниот пат Дреново-Прилеп преку Плетвар лани имало просечна фреквенција од 4.994 возила дневно.

На патот од Стенковец кон граничниот премин Блаце лани ПГДС изнесувал 3.615, што претставува огромно намалување кое најверојатно е резултат на затворените граници во одредени периоди лани поради ковид-19 пандемијата. Истата ситуација може да се забележи и на другите патни правци што водат кон граничните премини со соседните земји.

Автоматските бројачи на возилата, од кои произлегуваат сумите за ПГДС, се лоцирани во индуктивни јамки на коловозите и истите најпрецизно го мерат минувањето на возилата по патните правци, почнувајќи од мотори до најголемите камиони.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...