Четири нови аудио-снимки со име „Facts and Figures“ се објавени на „Јутјуб“, а на кои се слуша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како договара соработка за избори во Охрид и Западна Македонија со Зоран Милески-Кичеец кој призна вина во случајот „Рекет“. Станува збор за периодот на претседателските избори во 2019 година.

„Би те замолил за првиот круг во Охрид да се позаинтересираш малку повеќе, а за вториот да седнеме доколку има можност да ни помогнеш,“ се слуша во позадина гласот на Мицкоски.

Мицкоски зборува и за поинтензивна соработка со Кичеец за на терен во Западна Македонија.

„Јас и ти мислам дека треба да имаме директна комуникација. А не преку Петко, Трајко, Станко… И сè што договараме треба јас и ти да договараме“, додава Мицкоски во разговорот.

Милески ја потврди автентичноста на снимките за некои од медиумите, а Мицкоски во неколку наврати негираше каква било средба или контакт со Кичеец.

Од владејачката партија СДСМ денеска со реакција дека вистината излегла на виделина, Кичеец бил извршител на Мицкоски, тој се среќавал со него и работел за ВМРО-ДПМНЕ.

„Мицкоски и Кичеец, активно и директно комуницирале, очи в очи, на средби но и преку телефон. Не преку „Петко-Станко“ како што самиот Мицкоски вели на објавената снимка, туку сосема директно“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека станува збор за лов во матно, не отфрлајќи ја притоа автентичноста на објавените снимки.

„Нема било што незаконски во објавеното видео“, само накратко одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.