Деновиве зачестија пожарите во домовите во двете општини Штип и Карбинци. Само во изминатите неколку дена изгореа четири куќи и една викендичка. Последниот пожар се случи денеска околу пладне, во кој целосно изгоре викендичка на потегот меѓу селата Таринци и Карбинци. Едно повозрасно лице е повредено во денешниот пожар, кое со опекотини на телото завршило на лекување на Хируршкото одделение во Клиничката болница во Штип.

„На 08.08.2019 година во 12.10 часот во ЦИК Штип од ТППЕ Штип било пријавено дека истиот ден околу 12.00 часот М.Т.(79) од Штип при гасење на запалено стрниште околу неговата викендица во близина на с.Таринци, општина Карбинци, се здобил со телесни повреди и со возило на ИМП Штип бил пренесен во Клиничката болница Штип. Во пожарот целосно била опожарена викендицата. Пожарот бил локализиран од ТППЕ ШТИП“, соопштуваат од СВР Штип.

Територијалната противпожарна единица во Штип во изминативе четири дена имаше полни раце работа. Вчера гореше куќа во центарот на Штип, во густо населено подрачје, во кое куќите се залепени една до друга. Само брзата интервенција на пожарникарите го спаси проширувањето на огнот. Ноќеска гореше и подрум во станбена зграда.