fbpx

Чествувањето на Денот на македонскиот јазик започнува утре на УКИМ

Утре ќе се доделат признанија за посебен придонес во афирмацијата на македонистиката за директорите на МСМЈЛК при УКИМ од основањето до денес и за лекторот кој најдолго се посвети на развојот на МСМЈЛК при УКИМ

-

Чествувањето на Денот на македонскиот јазик – 5 мај оваа година ќе започне на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со настан посветен на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК при УКИМ), информираат од МСМЈЛК.

На настанот кој ќе се одржи утре во Ректоратот на УКИМ, со почеток во 10:30 часот ќе се обрати ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, осврнувајќи се на постигнатото од МСМЈЛК при УКИМ во остварувањето на неговата цел од основањето во 1967 година до денес.

За посебен придонес за афирмација на македонистиката, УКИМ ќе додели признанија на универзитетските професори – директори на МСМЈЛК при УКИМ од основањето наваму: акад. Александар Спасов (постхумно), акад. Божидар Видоески (постхумно), проф. д-р Томе Саздов (постхумно), проф. д-р Кирил Конески (постхумно), проф. д-р Томислав Тодоровски, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Максим Каранфиловски, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Славица Велева и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која со МСМЈЛК при УКИМ раководи од 2019 година. Признание ќе биде доделено и на лекторот кој досега најдолго се посвети на развивањето на дејноста на МСМЈЛК при УКИМ, Роза Тасевска.

„Повод за доделување на признанијата е јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ која ќе се одржи годинава. Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ е научен собир за јазик, национална литература и култура кој по континуитетот на одржување, по бројот на изданија и по бројот на објавени зборници е единствен не само во земјава, туку во целиот регион“, стои во соопштението од МСМЈЛК.

Настанот се одржува токму на 5 мај, и тоа како прв меѓу неколкуте настани со кои ќе се чествува Денот, затоа што МСМЈЛК при УКИМ се издвојува по својата доследност и посветеност во афирмирањето на македонскиот јазик, литература и култура, при што постојано се залага и остварува и нови активности значајни за развојот на странската македонистика.

Доделувањето на овие признанија за посебен придонес за афирмацијата на македонистиката, какви што УКИМ доделува за првпат, следи по одбележувањето јубилејот 55 години од формирањето на МСМЈЛК при УКИМ минатата година кога успешно беше одржана и 55. Летна школа на која учествуваа околу 60 странски македонисти.

Со настанот кој ќе се одржи во Ректоратот на УКИМ на Денот на македонскиот јазик, УКИМ и упатува порака дека развојот на странската македонистика е и ќе биде еден од неговите приоритети, заради што МСМЈЛК при УКИМ има и ќе има и целосна поддршка во афирмацијата на македонскиот јазик, литератра и култура на меѓународен план.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...