fbpx

Честитки за Божик упатија претседателот Пендаровски, Џафери, Заев

-

Државниот врв на верниците им го честита големиот христијански празник Божик, кој се одбележува денеска по Јулијанскиот календар.

По повод празникот, претседателот на државата, Стево Пендаровски упати писма со честитки до граѓаните, поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.

„Ви посакувам, деновите од празникот да ги минете во добро расположение, во мир, спокојство и радост. Божик е празник кој традиционално го славиме со најблиските и кога нашите домови се исполнети со луѓе со добра мисла. Но, годинава Божик го празнуваме во поинаква атмосфера, предизвикана од пандемијата поради што треба доследно да ги почитуваме пропишаните мерки за заштита.

Меѓутоа, тоа не нè спречува да си посакаме убави работи. Да ги оставиме настрана гневот и омразата. Да комуницираме со другите луѓе со јазикот на љубовта, да си простуваме и да си помагаме. Да бидеме солидарни и сплотени. Само така ќе можеме да излеземе како победници не само во борбата со пандемијата, туку, и со сите други проблеми и потешкотии со кои животот нѐ соочува“, порача шефот на државата.

Премиерот Зоран Заев, во свое и во име на Владата, во честитката ја изразува желбата во срцата на сите верници да се всели безусловна љубов, мир, спокојство, радоста и почит во духот на празникот на радоста и надежта, кој годинава го чествуваме во посебни услови кои на светско ниво ги донесе пандемијата на ковид-19.

„Токму кога се соочуваме со исклучително сериозни предизвици, симболиката на најубавиот семеен празник е можност да се свртиме кон себе и кон нашите најблиски. Да ја почувствуваме топлината на семејниот дом, радоста на заедништвото и љубовта на ближните. Да ја шириме пораката Христова, која постојано не потсетува дека во милосрдието и солидарноста со другиот се остваруваме како личности. На празникот на новиот живот обединети околу универзалните христијански вредности и сплотени во љубов да го победиме ова зло и да продолжиме по европскиот пат, на создавањето дела и вредности достојни за паметење“, пишува во писмото по повод Божик премиерот Заев.

Претседателот на Владата Заев со честитките по повод Божик апелира празничните денови да ги славиме во кругот на домот, да покажеме одговорност кон себе, кон своето семејство и кон државата со почитување на препораките за физичко растојание и за носење на заштитна опрема, за  да се заштитиме себеси и здравјето на нашите ближни.

Честитка за Божик до православните верници во свое име и во име на пратениците, упати и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Дозволете од свое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ. Ви посакувам добро здравје, душевен мир, спокој, личен и колективен напредок. Празникот нека биде уште една причина повеќе да споделувате убави празнични моменти со вашите најблиски и најдраги, секогаш водејќи се од мислата на скапоценоста на среќата и топлината што ја наоѓаме во сопствениот дом. Со празнувањето на Божиќ се слави добронамерноста и правењето на добрите дела, солидарноста и хуманоста, љубовта.

Се слави вербата дека годината што ја оставивме зад себе, ни овозможи да согледаме колку е кревок човековиот живот и колку е значајно единството и меѓусебната поддршка. Се слави надежта дека во новата година, нема да бидеме ставени пред други предизвици кои го отежнуваат нашиот пат кон светла иднина“, напиша претседателот на Собранието.

Честитки упатија и голем дел од политичките партии, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министри во владата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Лицето кое ја уби 46-годишната Танкица Маладеновска во Кочани на 25 септември доби доживотна затворска казна, соопшти Јавното обвинителство. Основниот суд во Кочани донесе пресуда за злосторникот за кривичното дело...