Денеска во Кривичен суд продолжи судењето за нападите во Собранието кои се случија на 27 април 2017 година, а помеѓу сведоците беше и поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, кој за овој случај веќе е осуден 18 години затвор.
Тој на сведочењето рече дека немал никаква комуникација со поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, туку само со луѓе кои биле директно вклучени за спроведување на полициската акција.
Чавков имал и телефонско јавување од Никола Груевски, а за Александар Василевски Нинџа изјави дека не го познава.
„Јас како координатор на телото за воспоставување безбедност на протестите веќе имав преземено акции и контролата беше воспоставена,“ изјави Чавков кој додаде дека никогаш немал партиска функција, туку бил само член на ВМРО-ДПМНЕ.
За отворањето на вратите во Собранието, Чавков рече „вратите не биле отворени од внатре“. На денешното рочиште се повикани повеќе сведоци, меѓу кои и Емил Димитриев и Кирил Божиновски.
Случајот за насилствата во Собранието се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.