fbpx

Чавков: Купувањето испити на Економскиот факултет течело по добро разработена шема

-

Петмина од вкупно осумтемина осомничени во вчерашната акција на МВР на Економскиот факултет при УКИМ се приведени во полициската станица Кисела Вода и денеска ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, додека на другите тројца, Т.Ф., С.Д. и Љ.Ј. во текот на денот ќе им бидат испратени покани за распит во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.

Тој не сакаше да каже дали меѓу осомничените е и претседателот на МАНУ, чие име и преземе се совпаѓа со осомничениот со иницијали Т.Ф., посочувајќи дека „важно е да се запази начелото на презумција на невиност“.

Чавков соопшти дека истрагата за случајот почнала во 2014 година по добиени криминалистичко-разузнавачки информации и пријави од студенти.

Во случајот осомничени се шестмина професори на Економскиот факултет, еден демонстратор и сопственик на бифето, кои се товарат за кривичните дела примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање поткуп.

Еден од осомничените неофицијално е професорот и поранешен декан на Економскиот факултет, Бобек Шуклев, кој беше приведен вчера.

Осомничените, како што објасни министерот, од студентите барале од 500 до 1.000 евра за да им напишат преодни оценки, а имало и случаи кога студенти добиле оценки иако немале право да полагаат или воопшто го немале пријавено предметот во испитната сесија.

– Во некои од случаите шемата била разработена така што сопственикот на бифето поткупот во вид на парични средства го земал директно од студентите, а потоа го предавал на асистентот, за истиот да ги даде на професорите за тие во индексите на студентите да впишат преодна оценка 6 за предметите што ги предаваат и покрај тоа што истите не го поседуваат потребното знаење за положување на испитот – рече министерот Чавков.

Полицијата вчера извршила претерси во 13 домови, во четири професорски кабинети,  во бифето и во студентските прашања на Економскиот факултет.

При претресот на возилото на еден од осомничените биле пронајдени 1.000 евра, односно 16 банкноти од 50 евра и 2 банкноти од 100 евра, кои, како што рече Чавков, се предмет на кривично дело.

Кај дел од другите осомничени биле пронајдени и одземени мобилни телефони, индекси, пријави за испит, а од просториите на студентски прашања биле одземени 17 досиеја на студенти.

– Исто така, при претресите пронајден е нотес во кој се содржани податоци од студенти, матични броеви и слично – посочи Чавков.

Запрашан дали има сознанија за вакви злоупотреби на други факултети, Чавков не сакаше да одговори конкретно и рече дека не исклучува таква можност и дека во наредниот период е можно и други студенти да пријават вакви случаи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...