fbpx

Чавков ќе притиска Законот за азил да оди по скратена постапка

-

Во вторник следната недела, на седница на Влада ќе се одлучува по предлог-измените на Законот за азил и привремена заштита, со кој треба да им се олесни транзитот на мигратните низ земјава.

Измените на Законот, чиј предлагач е Министерството за внатрешни работи (МВР), беа готови и ставени во процедура уште на почетокот на мај, но и по месец и полoвина тие сè уште не се изгласани од Собранието.

Денеска на средба со Народниот правобранител, Иџет Мемети, министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, го информирал омбудсманот дека законот е даден во владина процедура.

Мемети, на прес-конференција, во врска со носењето на Законот, изјави дека министерот Чавков рекол дека ќе се заложи измените на Законот да се донесат по скратена постапка.

Невладините организации кои активно ја следат оваа проблематика велат дека законските измени се во ред, но реагираат на пoстапката, која, според нив, оди многу бавно, а во меѓувреме состојбата со мигрантите, кои во моментот имаат статус на илегалци, станува сериозна поради нивниот масовен број и голготата низ која минуваат, транзитирајќи низ земјата.

– Според она што ние го имаме како информација, измените на законот се во ред и ние ги подржуваме бидејќи, во извесна смисла, и самите бевме иницијатори да се донесе една таква регулатива. Она на што реагираме е што постапката за донесување оди многу бавно. Ако помине законот во вторник на Влада, потоа постапката оди во собраниска комисија, која ја води пратеникот Антонио Милошоски. Апелираме постапката да се забрза, особено поради тоа што доаѓаат годишните одмори за пратениците и ако не се заврши дотогаш, последиците ќе бидат големи – вели за „Мета“, Јасмин Реџепи, од невладината „Легис“.

Стапувањето на сила на измените во Законот, бара и одредени технички решенија, односно донесување подзаконски акти за обрасците кои мигрантите ќе ги пополнуваат на граничните премини при влез во земјата, кои, според предложениот Закон, министерот за внатрешни работи има рок од шест месеци да ги подготви, откако Законот ќе бидат усвоен од Собранието.

Покрај тоа, ќе бидат потребни и преведувачи, бидејќи голем дел од мигрантите, кои потекнуваат од Сирија, Ирак, Авганистан и од африканските земји, не го знаат англискиот јазик.

– Надлежните можат да ги земат, да ги преведат и да ги адаптираат обрасците од Србија, која веќе ги има законските решенија, кои ние треба да ги донесеме. Им стоиме на располагање на институциите доколку им е потребна помош. Имаме и преведувачи од арапски и од други јазици што ги зборуваат мигрантите и во тој дел можеме да понудиме соработка – вели Реџепи.

Според Народниот правобранител, измените на Законот за азил и привремена заштита треба што побргу да се донесат, но дека тие нема целосно да го решат проблемот, кој, според Мемети, е многу покомплексен.

– Законот ќе реши дел од процедурите, но нема да го реши проблемот, кој е многу поголем, покомплексен и бара систематски промени во правната регулатива во повеќе области – изјави Мемети на денешаната прес-конференција.

Со предложните измени во Законот за азил и привремена заштита, „му се овозможува на странецот на граничен премин или во внатрешноста на територијата на Република Македонија пред полициски службеник на МВР да искаже намера дека ќе поднесе барање за признавање право на азил и да биде упатен во рок од 72 часа да поднесе барање за признавање право на азил пред овластено службено лице на Одделението за азил во просториите на Прифатниот центар за баратели на азил“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.