ChatGPT забранет од научни списанија и француски универзитет поради страв од плагијаризам

фото: Wikimedia Commons

Врвниот Париски институт за политички науки (Sciences Po) одлучи да ја забрани употребата на алатката ChatGPT во функција на спречување на плагијаризмот од страна на студентите, јавува Ројтерс. Еден од најдобрите француски универзитети во петокот соопшти дека им испратиле електронска пошта на сите студенти и факултети од нивниот кампус, објавувајќи дека е забрането користењето на ChatGPT и сите други алатки засновани на вештачка интелигенција во Sciences Po.

Забраната се однесува за студентите кои сакаат да ја користат оваа алатка за изработка на каква било писмена работа или презентација, освен за специфични цели на одредени предмети што се изучуваат на факултетите, но со надзор на нивните професори или асистенти.

ChatGPT веќе е забранет во некои јавни училишта во Њујорк и Сиетл во САД, додека неколку американски универзитети објавија дека планираат во иднина да им задаваат на студентите помалку работни задолженија што би ги работеле дома, а студентските обврски на факултетите да се насочат кон рачно напишани есеи и усни испити при полагањето.

Парискиот институт за политички науки ги предупреди студентите дека казната за користење на софтверот ChatGPT во поинакви цели од дозволените може да доведе до исклучување од студиите на нивниот универзитет, па дури и до забрана за натамошно запишување на друг универзитет во Франција.

Гардијан јавува дека и водечки научни списанија ширум светот почнаа да воведуваат забрани за користење на алатката ChatGPT при пишувањето научни трудови. Дел од издавачите целосно го забранија користењето на четботот којшто може да генерира текстуална содржина за сите трудови кои подлежат на можно објавување во списанијата, додека некои од нив воведоа ограничување на употребата на ChatGPT поради загриженост за плагијаризам или опасност од создавање на измислени истражувања од несовесни автори.

Па така, Холден Торп како главен и одговорен уредник на водечкото американско научно списание Science ја ажурираше уредувачката политика, забранувајќи ја употребата на текст во научните трудови којшто е создаден од ChatGPT. Springer-Nature, кои се издавачи на речиси 3.000 научни списанија, објавија дека ChatGPT не може да биде наведен како автор во научните трудови што се објавуваат во нивните списанија. Сепак, овој издавач не воведе целосна забрана за користење на четботот, оставајќи простор евентуалното негово користење во подготовката на трудови задолжително да биде наведено во ракописот, со целосни детали како е користен ChatGPT.