Часот на планетата Земја годинава ќе се одбележи само на неколку знаменитости во светот

Фото: Earth Hour Macedonia

Часот на планетата Земја, како најголема светска еколошка акција која обединува  милиони луѓе ширум светот во момент на солидарност за луѓето и за планетата Земја испраќајќи порака за посигурна, позелена и почиста иднина за нас и за идните генерации, оваа година ќе се одржи со повеќе светло, во сенка на војната во Украина.

„Целиот регион, Србија, Бугарија, Албанија и скоро сите европски земји оваа година нема да ги исклучат светлата. Во симболичен едночасовен мрак ќе бидат Сиднејската опера каде што Часот на планетата Земја започна во 2007 година, споменикот на Христос Спасителот во Бразил, Колосеумот во Италија и Емпајер Стејт Билдинг во Америка и повеќе атрактивни светски локации испраќајќи порака за посигурна, позелена и почиста иднина за нас и за идните генерации“, за Мета.мк изјави Ѓорги Селков, претседател на локалната канцеларија на Часот на планетата Земја во Македонија.

Тој појасни дека тоа е годинешниот став на Светскиот фонд за природа – WWF и нагласи дека целта е да не се сфати погрешно пораката, но климатските промени не смеат да бидат пред човекот.

„Бидејќи во моментов човекот е загрозен, односно глобалната криза која се случува заради војната во Украина, пораката е дека треба да размислуваме за хармонија помеѓу луѓето и природата, а не само за природата или само за луѓето. И поради тоа во сенка на конфликтот во Украина оваа година акцијата ќе се одржи во неколку земји со потивок тон и повеќе земји меѓу кои и нашата одлучија да нема исклучување на осветлувањето. Бидејќи сега не е моментот да се стави фокусот само на климатските промени“, рече Селков.

Претседателот на локалната канцеларија на WWF додаде дека како организација делуваат и надвор од оваа акција така што во некои подобри времиња повторно ќе се организира нешто, но оваа година, како одговор на конфликтите во Украина, обединувајќи се во глобална солидарност и тонот на локалниот тим е сочувствителен.

„И покрај тоа што струјата е најскапа до сега, исто и тоа е сензитивна тема за Часот на планетата земја ние немаме директна поврзаност со поскапувањето на енергенсите на светско ниво. Часот на планетата земја и WWF како организација не смеат да се вклучуваат во такви политички работи. Ние сме за тоа да се зачувуваат енергенсите, но не во овој момент сега поради кризата во Украина“, рече Селков.

Од WWF порачаа дека оваа година одбележувањето на Часот на планетата Земја се случува во навистина тешки и предизвикувачки времиња за човештвото и изразија тага и загриженист поради конфликтот во Украина и за сите оние кои се засегнати од тековната ситуација.

„Часот на планетата Земја 2022 го повикува светот да се обедини во момент на солидарност за луѓето и планетата. Знаеме дека покрај многуте предизвици со кои се соочуваме, особено во овие невидени времиња, 2022 година останува да биде критична година за планетата, нашиот заеднички дом. Оваа година светот ќе се собере за да се направи нов климатски договор, и ова претставува можност еднаш во една деценија лидерите да се договорат за планот за враќање на загубата на природата до 2030 година и изградба на позитивна иднина за природата“, изјави Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа – WWF.

Селков додаде и дека е важно да се нагласи дека законите на природата се нарушуваат и кога ја уништуваме природата, но и кога ги уништуваме луѓето.

„Нашето мото е – природата и луѓето. Знаеме дека за да изградиме иднина во хармонија со природата ни треба и мир меѓу луѓето. Затоа, овогодинешниот Час на планетата Земја нуди момент на солидарност со сите народи кои страдаат од војни и конфликти ширум светот; шанса за нашата глобална заедница да го изрази она што им е важно, заеднички да преземеме позитивни активности и да повикаме на свет каде што луѓето и планетата ќе можат да напредуваат заедно,“ потенцира Селков.

Инаку, својата поддршка кон акцијата ја најавија повеќе од 190 земји ширум светот, меѓу кои и Македонија.

Часот на планетата Земја ќе се одржи оваа сабота, на 26 март, кога во 20:30 часот по локално време милиони луѓе ширум светот симболично ќе го исклучат осветлувањето во период од еден час, во момент на солидарност за луѓето и планетата Земја.