Природата и заштитата на биодиверзитетот и годинава се главните теми за кои милиони луѓе ќе испратат порака преку гаснењето на светилките во сабота на 28 март во акцијата Часот на планетата Земја“ (Earth Hour 2020). Македонија по единаесетти пат ќе се вклучи во оваа еколошка акција со надеж дека свеста за последиците од климатските промени ќе допре до секој човек на планетата.

Еден милион животни и растенија во светот спаѓаат во загрозени видови, а целата Земја е секојдневно на удар на климатските промени. Македонија не е исклучок. Според студијата на Министерството за животна средина, во Македонија има 668 ендемични видови растенија и животни, кои растат и живеат само на овие простори.

„На првата Национална црвена листа на Северна Македонија за водоземци, влекачи и растенија, има вкупно 14 загрозени видови растенија, 14 вида водоземци и 32 вида влекачи, од кои како најзагозен се смета остроглавата лутица. Секако, тука влегуваат и мршојадците, орлите, балканскиот рис, пастрмката…“, вели Златко Левков, професор на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет.

Според Комитетот на ОН за заштита на животните и природата, 100 животински видови исчезнуваат секој ден, а а меѓу најкритичните се големите панди, тигрите, морските желки, големите примати, слоновите и носорозите.

Милиони луѓе ширум светот ќе се обединат во испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја, во сабота на 28 март, точно во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат илјадници споменици ширум светот за да предупредат дека климатските промени се случуваат сега и тука, и дека само ние како поединци ја имаме моќта да го промениме тоа. Во период кога глобалниот биодиверзитет се намалува со невидени и алармантни стапки, а Земјата е на чекор од уништување поради глобалното затоплување, сега е повеќе од потребно да се подигне свеста дека природата е фундаменталната основа за здрава планета и непосредно и најмоќно решение за спас од климатските промени, вели Ѓорѓи Селков од од канцеларијата на Часот на планетата Земја во Македонија.

Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) оваа година ги повикуваат граѓаните да го дадат својот глас за Земјата на интернет платформата „Глас за Земјата“. Овие потписи во текот на годината ќе бидат презентирани на светските лидери и носители на одлуки на глобалните форуми како Генералното собрание на ОН, за да помогнат во креирање на нов договор за природата и луѓето кој ќе гарантира заштитување на преостаната природа и ќе се обиде да помогне во реставрирање на досега загубеното, а истовремено гарантирајќи ја нашата иднина на оваа планета.

Изминатите години, движењето помогна во создавање на 3,5 милиони хектари заштитена морска област во Аргентина, шума од 2.700 хектари во Уганда и помогна да се донесе нова законска регулатива за заштита на морињата и шумите во Русија. Минатата година, WWF-Еквадор се заложи за закон за забрана за употреба на пластични кеси, други пластични еднократни производи и производи од стиропор во главниот град, додека пак WWF-Индонезија иницираше засадување на 20.000 садници од мангрови во 13 градови. Започнува како симболичен настан во Сиднеј во 2007 година, а сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.