Група млади креираат прва македонска мобилна апликација наречена „Челенџер“ (Challenger) која ќе ви постави предизвик да пешачите и возите велосипед и да бидете наградени, а со тоа да не користите автомобил и да придонесете за намалување на загадувањето.

„Сите се повикуваат дека треба да се пронајде решение за аерозагадувањето, ние одлучивме да бидеме дел од тоа решение – а не дел од проблемот. Со нас, секој поминат километар пешки или на велосипед – се брои, на принципот колку повеќе километри, толку повеќе „Challenger“ поени кои носат попусти и награди. Дополнително сите се натпреваруваме и меѓусебно се мотивираме, а најважно од се создаваме и градиме од граѓаните за граѓаните подобро општество и животна средина“, велат креаторите апликацијата.

Младите ентузијасти Теодора, Олга, Стефан и Митко со својата бизнис идеја се едни од победниците на регионалниот натпревар Philanthropy for Green Ideas на кој, во конкуренција со националните победници од Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Србија и Црна Гора се натпреваруваа и македонските национални победници на АРНО натпреварот за зелени бизнис-идеи.

„Сакаме нашите корисници и бизнис партнери да се вклучат кон заедничко градење на подобра заедница. „Челинџер“ не е само апликација, туку е платформа за градење на заедница во која граѓаните и корпоративниот сектор меѓусебно се поддржуваат и инспирираат, со една заедничка цел – да придонесат за чист воздух, а со тоа и здраво општество,“ додаваат од таму.

Апликацијата ќе биде лансирана до крајот на годината.