fbpx

ЦГК: Секоја втора фирма која учествува во тендерите вели дека има корупција

-

Во втората половина на минатата година, за разлика од истиот период во годината претходно, односно во првата пандемиска година, за повеќе од половина пораснал бројот на нетранспарентни склучени јавни набавки, а за тоа најмногу „заслуги“ имале АД ЕСМ, МВР и МОН. Дополнително, речиси две третини од фирмите признале дека имало меѓусебни договарања за учествата во повиците за јавни набавки.

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јули до декември 2021 година, во кои се вклучени и наоди од анкета на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки, анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година и истражување на договорните органи за нивните кадровски капацитети за јавни набавки. Воедно, ЦГК ја објави и Базата на јавните набавки на општините во 2021 година.

Според извештајот за втората половина на минатата година што ја направил ЦГК, имало голем број договори склучени низ нетранспарентната постапка со преговарање, без објавување оглас. Вкупната вредност на овие договори во 2021 година изнесувала 46 милиони евра, што е за 16 милиони евра повеќе од 2020 година. Дури 80 отсто од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД Електрани, МВР и Министерството за образование и наука.

Во неправилностите забележани од ЦГК, предничат оние дека институциите не ја почитуваат законската обврска за јавно објавување на известувањата за реализираните договори и дека институциите не се откажуваат од електронската аукција, и покрај сите предупредувања дека со неа се поттикнуваат договарањето помеѓу фирмите и корупцијата.

Интересно, комисиите за јавни набавки во речиси секој втор тендер отфрлале понуди на фирмите како неприфатливи, со што се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите.

Во 2021 година поднесени се 1.008 жалби од фирмите, што е за 2,5 отсто повеќе од претходната година. Најголем дел од жалбите се уважени, и тоа 42,6 отсто од нив. Сепак, уважените жалби се за 10,7 процентни поени помалку во однос на претходната година.

Погледнато од аспект на фирмите што учествувале во постапките за јавни набавки, анкетата спроведена во февруари 2022 година со 284 фирми од сите поголеми градови во земјава, покажале дека за половина од фирмите, „најниската цена“ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки.
Дури 62 отсто од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите. И дури 51 отсто од нив сметаат дека има корупција во јавните набавки.

Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани.

Според Базата на јавните набавки на општините за минатата година, Градот Скопје и 80 општини потрошиле за јавни набавки во 2021 година 11 милијарди денари, односно 183 милиони евра. Прoизлегува дека во 2021 година се потрошени дури 51 милион евра повеќе отколку во 2020 година.

Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје од 15 милиони евра, кај Општина Центар од 5,5 милиони евра и кај Општината Гази Баба од околу 5 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Чучер Сандево за околу 630 илјади евра, Карпош 483 илјади евра и Аеродром 475 илјади евра.

• Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2021 година ја предводи градежната компанија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт од Струмица со склучени 21 договвор во вкупна вредност од 22 милиони евра.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...