фото: Центар за граѓански комуникации

Пораст на вредноста на набавките има кај Градот Скопје и кај 20 општини, додека намалување е евидентирано кај 61 општина. Најголем вредносен скок во однос на претходната година има Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, потоа Општина Гостивар од 5 милиони евра и Аеродром од 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавните има кај Општина Липково, за 2,8 милиони евра, Тетово, за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.

Ова го покажува Базата на податоци за сите тендери на општините во 2020 година, заедно со анализа на податоците, што ја подготви Центарот за граѓански комуникации. Базата содржи податоци за сите 3.454 договори што ги склучиле 80-те општини и Градот Скопје.

„Лидерската позиција и натаму ја држи Град Скопје, со вкупна вредност на тендерите од 31 милион евра, што е една четвртина од вредноста на јавните набавки на сите општини заедно. Дури половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки ги потрошиле Градот Скопје и само седум други општини. Само Градот Скопје и 10-те скопски општини заедно трошат дури 45 отсто од сите пари за јавни набавки на општините“, стои во анализата.

Според жители, апсолутен лидер е Општина Новаци, која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари, каде за јавни набавки има да потроши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра.

Кај фирмите, најголема вредност на договори за јавни набавки имаат: градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс, ЕДС, од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар. На првите 10 фирми со најголема вредност на јавните набавки отпаѓа една четвртина од вкупната вредност на набавките, покажува анализата на ЦГК.

Инаку, базата на податоци содржи податоци за последните шест години. Таа е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител.