Центарот за современи уметности со ново видео: Како ја убиваме реката …

Аматерските мерења на Центарот за современи уметноси покажале оти речиси една шестина од водата на Вардар е канализација. Оттаму ги прашуваат локалните власти во Гостивар, Тетови и Скопје, до каде се пречистителните станици?

Локацијата каде треба да се изгради печистителната станица за отпадни води во Скопје | Фото: архива на Мета.мк

Центарот за современи уметности од Скопје изработи ново документарно видео во кое е прикажано, како што велат, „константното загадување и уништување на реката Вардар“. Во самото видео се прикажани канализациите и отпадните води кои се влеваат во реката Вардар од нејзиното извориште во Вруток па се до излезот од Скопје.

„Идејата на ова видео е да ги информираме граѓаните за тивкото долгогодишно уништуивање на нашата најголема река и да се обидеме да ја подигнеме свеста на надлежните (Министерство за животна средина и локални самоуправи) за проблемот со загадувањето на Вардар но и на другите водотеци и езерски басени во Македонија“, соопштија од Центарот.

Оттаму велат дека не можат да се помират со фактот дека сите наши реки со проток поголем од 3 кубни метри во секунда се декларирани како загадели, значително или екстремно загадени како и со фактот дека нашите езера се борат за спас и преживување, а сето тоа се случува во период на глобално затоплување и претстоечки климатски промени.

„Со ова видео посветено на загадувањето на реката Вардар сакаме да потсетиме дека во ерата на глобалното затоплување кога водата станува еден од клучните стратешки и безбедносни ресурси на југот на Европа ние буквално го уништуваме најголемиот водотек во Македонија и ја правиме вардарската вода целосно неупотреблива бидејќи не прочистуваме ниту литро од отпадните води“, соопштија од Центарот за современи уметности.

Во самото видео се прикажани десетина поголеми испустни цевки за загадување кои ја загадуваат реката и со кои водата во Вардар станува неупотреблива. На само 50-ина километри од изворот реката е веќе загадена до 5-та категорија и не смее да се користи ниту за наводнување.

Аматерските мерења на Центарот за современи уметноси покажале оти речиси една шестина од водата на Вардар е канализација.

„Затоа со ова видео повторно ги прашуваме градските власти на Гостивар, Тетово и Скопје како и министерството за животна средина ДО КАДЕ СЕ ПРЕЧИСТИТЕЛНИТЕ СТАНИЦИ“, прашуваат оттаму.

Реката Вардар е место за фрлање отпад и извор на болести, ќе успееме ли да го прочистиме до 2026 година? (видео)