fbpx

Цените на нафтените деривати го надминаа максимумот од 2012 година, редици по бензинските пумпи

-

Синоќешното поскапување на бензините за 5 и пол денари и на дизелот за 10 денари повторно создаде редици пред бензинските пумпи низ земјава. Колони автомобили чекаа по десетици минути за да набават гориво пред да се затворат бензинските пумпи. Војната што ја почна Русија во Украина и размислувањето на светските лидери за тоа дали треба или не да се забрани извоз на руска нафта доведоа до забрзан раст на цените на нафтените деривати и во нашата земја.

За последен пат, македонските возачи беа доведени во ситуација да плаќаат гориво коешто чини околу 90 денари за литар во 2012 година. Кулминацијата тогаш достигна кон крајот на август, кога Еуросупер БС-95 се продаваше по цена од 88,5 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 достигна 90 денари за литар, а дизелот тогаш можеше да се набави по 74,5 денари за литар.

Сепак, вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) го сруши рекордот на ваквите високи цени од 2012 година. Од РКЕ донесоа одлука денешните цени на нафтените деривати да бидат повисоки за 10,21 отсто, што е резултат на драстичното зголемување на нафтените деривати на светските берзи и порастот на курсот на доларот. Па така, Еуросупер БС-95 се продава за 89,5 денари за литар, Еуросупер-98 за 91,5 денари за литар, а дизелот достигна цена од 85,5 денари за литар.

„Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени“, изјави вчера претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Тој додаде дека на Владата им доставиле анализа за состојбата во нафтениот сектор за да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните. Бислимовски изјави дека нафтени деривати има во доволни количини, но неопходно е сите да се однесуваме рационално во ваквата вонредна и непредвидлива состојба.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска во неколку наврати го повторија нивното барање државата да се откаже од дел од приходите што ги остварува од акцизи. Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева изјави дека Извршниот одбор на партијата побарал итно и неодложно прифаќање на мерката за намалување на акцизата кај горивата за 50 отсто за да има намалување на цената на дизелот за 9,5 денари, а на бензините за 13 денари.

Инаку, дистрибутерите на нафтени деривати во земјава смируваат дека недостигот на нафтени деривати кај дел од бензинските пумпи ќе се стабилизира. Од најголемиот дистрибутер, компанијата „Макпетрол“, преку соопштение појаснуваат дека побарувачката на горива е енормно зголемена поради шпекулациите и гласините во јавноста.

Тие додаваат дека следниве денови ќе се нормализира снабдувањето со сите видови горива на бензинските станици на „Макпетрол“ низ целата земја.

И од „Гулф оил“ вчера излегоа со соопштение дека тие непречено и неограничено ги снабдуваат граѓаните со нафта и нафтени деривати, како и дека во нивните нафтени складови има доволни количини на нафта и нафтени деривати за да се задоволат потребите на пазарот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ХДЗ освои најмногу гласови на хрватските парламентарни избори, но не и мнозинство во парламентот

Владејачката партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ) освои 60 пратеничка места од можни 151 на вчерашните парламентарни избори во Хрватска, пренесува Гардијан. Ова се резултатите откако се изброија над 90...