fbpx

Целосно е завршен проектот за дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик

-

Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска беше претставен целосно завршениот проект за дигитализација на сите картотеки, со што дигитализирани и трајно заштитени се пет милиони ливчиња, јазични записи грижливо и посветено собирани со децении на терен од вработените во Институтот, од бројни истражувачи, студенти и вљубеници во јазикот, информираат од Министерството за култура.

Проектот се реализира во годината кога се одбележува 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик и 120 години од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков.

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска денеска посочи дека со овој комплексен проект, кој се реализираше со средства на Министерството за култура и Владата преку Фондот за иновации и технолошки развој, направен е историски зафат за да се спаси непроценливо богатство.

„Проектот за дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик е макотрпен, но исклучително важен потфат, патриотизам манифестиран со дела. На дело покажавме што значи вистинска заштита на македонскиот јазик и историја, заштита на македонскиот идентитет и зачувување на ова јазично духовно богатство за идните генерации“, рече Костадиновска – Стојчевска.

Таа додаде дека на овој начин им оддаваме почит и на генерациите ентузијасти, македонисти, истражувачи на јазикот и чуватели на нашиот идентитет.

„Дигитализацијата, како трајна заштита на нематеријалното културно наследство, останува наш врвен приоритет. Ние сме должни да ги заштитиме нашата култура и историјата на нашиот јазик. Преку овој проект, тоа и го правиме“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.

На настанот се обрати и премиерот Димитар Ковачевски кој истакна дека македонскиот јазик е нашиот идентитет и срцето на нашата нација, кој треба да го негуваме, заштитиме и пренесуваме на следните генерации како наше најголемо духовно и културно наследство.

„Во таа насока, со дигитализација на македонски записи во изворен облик, со овој проект успеавме трајно да зачуваме од уништување над 5 милиони записи со стари македонски зборови, дијалекти и записи, кои се дел од нашето духовно богатство. Овие записи со изворни македонски зборови и изрази, од периодот 14 и 15 век, се внимателно собирани и чувани со особена грижа, љубов и почит кон нашиот мајчин, македонски јазик, со цел да се зачува неговата автентичност и традиција, која и ние ја продолжуваме понатаму на нашите поколенија“, рече Ковачевски.

Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, пак, истакна дека ова е историски момент за Институтот за македонски јазик затоа што на овој начин ексцерпираните материјали со кои се полни картотеките конечно се дигитализирани и овековечени.

„На овој начин, оваа генерација лингвисти во Институтот за македонски јазик се погрижи трудот на основачите и на сите колеги да биде зачуван и достапен за лингвистичката јавност“, нагласи Јованова-Грујовска.

Таа додаде дека и целокупното творештво на Блаже Конески е дигитализирано и се наоѓа во картотеката на Толковниот речник.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Фестим Халили, истакна проектот е кофинансиран од Министерството за култура и од Фондот за иновации со 14 милиони денари.

Презентацијата на дигитализираниот материјал ја извршија претставниците на Архивскиот дата центар „Инбокс“, кои го реализираа процесот на скенирање и архивирање на картотеките.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...