Царовска: Учениците од најрана возраст треба да научат да препознаваат и да дејствуваат против сите форми на насилство

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Насилството не смееме да го премолчиме. Сите заеднички треба да дејствуваме. Затоа, со новата Концепција, кај учениците уште од најрана возраст развиваме свесност и ги учиме да ги препознаваат и гласно да зборуваат против сите форми на насилство, вклучувајќи го и насилството врз девојчињата и жените, порача министерката за образование и наука, Мила Царовска на својот Фејсбук профил, приклучувајќи се кон одбележувањето на 16-дневниот активизам.

Царовска, која е и долгогодишна активистка во борбата и јакнењето на женските права, истакна дека МОН посветено работи низ образовниот процес за да ја подигне свесноста кај учениците за родово базираното, но и воопшто за сите други форми на насилство, што треба да придонесе за намалување и искоренување на насилството во сите сегменти на општеството.

„Постојаното гласно зборување и дејствување против родово базирано насилство ја зајакнува борбата и нé прави уште посилни и солидарни во добивањето на оваа важна битка, а одбележувањето на 16 дена активизам е само потсетник дека гласноста и преземањето конкретни активности се најмоќните оружја за искоренување на сите форми на насилство, дискриминација и нетолеранција“, напиша Царовска.

Од Министерството за образование и наука (МОН) истакнаа дека со воведувањето на новата Концепција, учениците низ образовниот процес треба да се стекнат со основните општествени вредности како што се толеранцијата, почитувањето на различностите и еднаквоста. Со реформските процеси, велат од МОН, учениците од најрана возраст учат да препознаваат и да дејствуваат против ненасилно однесување со што треба да придонесеме за намалување на насилството во општеството.

„Чекор напред во оваа борба е и повлекувањето на учебниците кои содржат родови стереотипи и поттикнуваат агресивност и понижување. Од оваа учебна година има нови наставни материјали кои ја унапредуваат родовата еднаквост и различностите“, велат од МОН.

Според ова министерство, позитивно влијание треба да има и воведувањето на сексуално образование во деветто одделение, како и јакнењето на стручните служби во основните и средните училишта кои ќе работат на заштита на менталното здравје на учениците и на наставниците.