Царовска: Наставниците се подготвени да применуваат нови концепти за едукација на учениците

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Во поново време наставниците во основните и средните училишта во државава се мотивирани да учествуваат во креирање и во имплементација на новини во образовниот систем и тоа е основен услов за подигнување на квалитетот на образованието кое им се нуди на младите, истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска на денешната промоција на учебникот „Играта и учењето- нови концепти во раното учење“.  Учебникот на авторката Лена Дамовска третира низа суштински и актуелни прашања поврзани со новите парадигми во педагогијата на 21 век.

„Задоволство ми е што (наставниците) се сојузници на институциите на системот и имаме иста и заедничка цел – да создадеме училишта на иднината во кои ќе се создаваат нови генерации, подобри барем за нијанса од секоја претходна. А за тоа, подготвени се да применуваат нови концепти за едукација на учениците“, истакна Царовска.

Министерката додаде дека оваа литература е целосно во согласност  со насоките од новата Концепција за основно образование, чија имплементација започна со стартот на новата учебна година.

„Учебникот всушност е наменет за наставниците и ги упатува како да одберат начин кој ќе го привлече вниманието на учениците, за да им го пренесат знаењето кое треба да го апсорбираат на соодветната возраст. Препораката на авторката, со што јас целосно се согласувам е тоа да се прави преку игра, бидејќи докажано е дека така ефектот од учењето е најголем кај најмалите“, рече Царовска.

Царовска потенцираше дека и новите учебници за прво и четврто одделение се изработени токму врз основа на начелото дека играта е моќна алатка во процесот на рано учење и затоа изобилуваат со квизови и игри, а оние за четврто одделение имаат и своја дигитална верзија која обезбедува дополнителни интерактивни и мултимедијални содржини.

Таа додаде дека со новините кои се наложуваат и со примена на современиот педагошки пристап од страна на наставниците, очекува да се овозможи учениците да бидат активни партиципанти во процесот на стекнување на сопствените знаења.

„Новите учебници внесуваат свежина во образовниот систем и им се допаѓаат на наставниците и на учениците. Тоа е најважно. Значи дека ќе ги практикуваат и ќе го постигнеме ефектот кој е проектиран при конципирање на промените, да изградиме генерации кои ќе бидат креативни, иновативни и критички ќе размислуваат“, рече Царовска.