Царовска: Наставниците и наставничките се нашата национална гордост

Фото: МОН

По повод 5 Октомври – Меѓународниот ден на учителките и учителите, министерката за образование и наука Мила Царовска им го честиташе празникот на учителите и учителките и им посака добро здравје и многу индивидуални и колективни успеси во едукацијата на младите во земјава.

Таа додава дека здравствената криза ни покажа колку образовниот систем е кревок, а предизвиците кои ги донесе пандемијата можат многу негативно да се одразат на знаењето на учениците, особено кај најмалите и да создадат празнини кои тешко дека некогаш ќе можат да се надоместат, доколку немаме квалитетен наставен кадар кој ќе успее ефектите од тие предизвици навремено да ги анулира и да ги заштити нашите деца.

„Уверувам дека актуелната Влада е и ќе продолжи да биде вистински предводник на процесот за подигнување на достоинството на наставниците. Повисоки плати, повеќе можности за кариерен и професионален развој и подобри услови за работа беа целите на кои бевме посветени во изминатите неколку години и ќе бидеме уште повеќе во периодот пред нас. Успеавме да ги зголемиме нивните плати за над 21 процент, да обезбедиме можности да напредуваат во звања и за тоа да добиваат повисоки месечни приходи како додаток на плата, да ги подобриме условите во кои работат преку инвестиции во инфраструктурата и во набавка и модернизација на опремата и нагледните средства за поедноставен, а сепак поквалитетен наставен процес,“ додава Царовска и најави дека наскоро ќе следат и значајни измени на законското решение за наставниците и стручните соработници во основните училишта.

За вонредно ангажирање и придонес во унапредувањето на воспитно-образовната дејност, признанија и плакети добија 11 просветни работници. Честитајќи им за високото признание, министерката Царовска рече дека тоа треба да биде поттик за сите наставници да се вложат максимално и да придонесат за создавање на подобар и поквалитетен образовен систем, а нивниот труд и посветеност нема да останат незабележани.