Царинските службеници минатата недела откриле неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани цигари, фалсификувана стока, дрон, детски електрични автомобили.
Во два одделни случаи на граничните премини Богородица и Дојран запленети се 22 штеки цигари без акцизни маркички.
„Мобилни тимови на влез во држвава на граничниот премин Блаце спречија обид за шверц на дрон марка MAVIC 2 ENTERPRICE со батерии, полнач и контролер со проценета вредност од 159.660 денари“, наведено е во соопштението од Царинската управа.
Во два случаи мобилните тимови заплениле различни прозиводи со ознаки на заштитени трговски марки.
„Во првиот случај запленети се 15 детски електрични автомобили со ознаки на заштитени трговски марки кои се задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Во вториот случај запленети се 1.190 тетратки, 70 детски шатори и 1.390 играчки со ознаки на заштитени трговски марки, исто така задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост“, се додава во соопштението.
При контрола на автомобил на граничниот премин Табановце на влез во држвава од страна на мобилните тимови, пронајдена е британска регистарска табличка и сообраќајна дозвола за камп приколка. Непријавените предмети биле пронајдени под патосницата зад совозачкото седиште и во задниот џеб на совозачкото седиште.