Царинските службеници и мобилните тимови во текот на изминатите денови спречиле обиди за криумчарење на стоматолошки инструменти, импланти за гради, цигари, фалсификувана стока, кабли за електрична инсталација и друга стока, соопштија од Царинската управа.
До едно лице е поведена и прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки коишто се плаќаат при увоз на возило.
Вкупно 616 стоматолошки инструменти и четири килограми порцелански прав и основен порцелан за стоматологија биле откриени на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на куфери во сопственост на турски државјанин кој допатувал со лет од Измир, Турција. Откако при рентгенска контрола на куферите на патникот биле забележани неправилности, била извршена детална контрола при што биле пронајдени непријавените производи. Истите се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.
Царинските службеници на скопскиот аеродром спречиле и шверц на 9 кутии импланти за гради кои патник – државјанин на Австрија, сакал да ги внесе во државава без да ги пријави. При контрола на патникот, во багажот, во еден од куферите, биле откриени непријавените импланти, за која патникот не поседувал ниту дозвола за увоз за таков вид на стока од надлежна институција. Против патникот е поднесена соодветна пријава, а имплантите се запленети.
Спречено било криумчарење и на 96 штеки цигари што по воздушен сообраќај македонски државјанин сакал да ги внесе во Лондон. Царински службеници на царинската испостава Меѓународен Аеродром Скопје, при контрола на куферот во сопственост на патникот, ја пронашле непријавената акцизна стока. Штеките цигари биле запленети, а против патникот е поднесена соодветна пријава.
Од Царинската управа информираа и за запленети поголема количина играчки со ознаки на заштитени трговски марки кои биле наменети за увозници од Скопје со вкупна проценета вредност од околу 759 илјади денари. На граничниот премин Блаце, пак, бил откриен непријавен кабел за електрична инсталација долг 180 метри.
На влез во земјава на граничниот премин Ќафасан, пак, биле запленети 52 комплети од рачен часовник и бижутерија, обетки, прстен и синџирче.