fbpx

Бурен образовен викенд, со можности за повремени валканици

-

Предложените измени во законите за високо образование, викендов предизвикаа вистинско невреме, какво во јануари – кој обично е „мртов“ месец – во македонското образование се нема случено со децении. Бурата ја почна предлогот од Универзитетот на Југоисточна Европа, со кој се бара реформите во образованието да се одвиваат по теркот на европските земји, а ветерот го засили и саботниот предлог од Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид. Ректорот на охридскиот универзитет, Нинослав Марина, предложи студентите кои нема да го положат државниот испит по втората година од студирањето да можат да ги слушаат предметите од третата студиска година.

Кон општата виулица се приклучи и министерот за образование, Абдилаќим Адеми, кој прво ги пофали овие предлози и рече дека се добра основа за новиот закон, а подоцна, во саботата, ја покани Интеруниверзитетската конференција, чиј претседател е ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, на средба во хотелот „Александар палас“.

Откако Стојковски речиси експресно ја прифати поканата, уште побргу реагираа и професорите здружени во „Професорски пленум“, кои, пак, еден ден претходно повикаа на ТВ-дебата за измените на законите за високо образование. Невремето тогаш ја достигна својата кулминација, со расфрлања на секакви изјави и преписки на сите страни.

„Професорски пленум“ му напиша отворено поисмо на ректорот на скопскиот Унивезритет, во кое неговите членови (сублимирано) бараат тој да не оди на „однапред наместена средба“ за да биде алиби за изгласување на спорните закони. Тие од него побараа да прифати ТВ-дебата, а не таен муабет во елитен хотел. На оваа „ладна шлаканица“ не остана должен ниту Стојковски. Најверојатно навреден од писмото, тој веднаш реплицираше, исто така, со отворено писмо, во кое возврати дека не гледа разлика меѓу јавната ТВ-дебата и дебатата на состанокот предложен од министерот за образование и наука, „особено зашто на состанокот се поканети пет претставници од „Професорски пленум“ кои ја прифатија поканата “.

Откако бурата ја разнесе нечистотијата од преписките, со соопштение се јави и „Студентски пленум“. Но, студентите не реагираа на детските кавги на своите професори. Тие се впуштија во кавги со своите колеги. Во својата реакција  им „забележаа“ на колегите кои се појавија на некои телевизии во одбрана на предлозите од Охридскиот универзитет.

„Кои се овие студентски организации? Зошто нивните претставници мораат да читаат од лист хартија ако веќе имаат став во кој се сите толку едногласно убедени? Кој им диктира на овие наши колеги што да мислат?“, напишаа од „Студентски пленум“ на својот фејсбук-профил и покажаа дека добро ја научиле лекцијата за кавги и за нетрпеливост од своите постари колеги, професорите.

И, како што почна, така и заврши ова бура од соопштенија, преписки и од кавги. Некои медиуми објавија дека професорите од „Професорски пленум“ бараат на денешната средба, која ќе се одржи во хотелот „Александар палас“, да присуствуваат и студентите од „Студентски пленум“. Со тоа уште еднаш му ја фрлија ракавицата на министерот Адеми. И повторно, како и на почетокот, министерот за образование Абдилаќим Адеми е на потег!

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...