Бурата во САД однесе 37 животи, жителите во западен Њујорк заробени под снег

-

Најмалку 37 лица загинаа среде бруталната зимска бура која изминативе денови ги зафати САД, додека делови од западен Њујорк се затрупани под снежна покривка од над еден метар, оставајќи заглавени возила среде улица и илјадници семејства без струја за време на божиќните празници, јави Си-ен-ен.

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, изјави дека оваа бура е „најразорната досега во долгата историја на градот Бафало“.

Обилните снежни врнежи доведоа до непроодни патишта без видливост и замрзнати трафостаници. Западен Њујорк се дави во густ снег со „езерски ефект“, кој се формира кога студениот воздух се движи над топлите води на Големите езера – само еден месец откако регионот беше погоден од снежна бура.

Стотици спасувачки екипи и возила за итни случаи кои биле испратени да помогнат заглавиле во снегот, а возилата биле напуштени.

„Спасувачкиот тим ги спасуваше спасувачите, беше толку ужасно“, изјави директорот на округот Ири за време на вчерашната прес-конференција.

Многу од жртвите поради временските услови во Њујорк биле токму во Ири, каде што неколку луѓе биле пронајдени мртви во автомобили и на улица.

Стотици војници на Националната гарда се распоредени да помогнат во спасувачките напори во Њујорк, а државната полиција била вклучена во над 500 спасувачки акции до неделата.

Илјадници летови биле откажани поради што многу луѓе не можеле да стигнат до своите семејства за Божиќ.

Снежната бура зафати и делови од Канада. Според Би-би-си, во оваа земја досега се регистрирани четири жртви откако автобус се превртел на заледен пат во близина на градот Мерит во западната провинција Британска Колумбија.

Според синоптичарите, невремето ќе се смири во следните неколку денови, но останува советот да се избегнува патување освен ако е неопходно.

Премиерот Мицкоски најави ваучери од 250 евра за електронски уреди за сите студенти

Ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди за сите студенти во државата, најави премиерот Христијан Мицкоски во вечерашната отворена програма „100 дена Влада“ што се емитуваше на...