fbpx

Бура во Атина: Контрапротести за поддршка на Ципрас

-

Во знак на гнев за одлуката на Европската централна банка да не се прифаќаат повеќе државни обврзници од грчките банки, голем број грчки граѓани денеска повикуваат на масовен протест пред Парламентот, како поддршка на грчката влада и против уцените од европските институции.

Протестот е закажан за попладнево, како отворен револт против притисоците кон Грција, со јасна порака дека грчкиот народ нема намера повторно да потклекне на странските барања.

„Демократијата проговори и никој нема право да се прави дека не ја слуша“, се вели во повикот, кој експресно се шири од изутринава по социјалните мрежи.

Масовен контрапротест за европските политики, односно протест за поддршка на грчката влада, се подготвува и за 17 февруари, кога грчката влада ќе замине во Брисел за официјално да преговара за грчкиот долг.

Ваквите протести за поддршка на грчката влада и за нејзината идеологија се преседан во Грција бидејќи изминатите пет години државата мина низ масовни насилни протести против владината политика на штедење.

Грчката влада се обидува да го стивне пожарот од информации и од загриженост кој избувна вчера по одлуката на ЕЦБ, до која дојде поради загриженоста дека владата на Алексис Ципрас одбива да се придржува до договорената програма за штедење, договор поради кој беше дозволено грчките државни обврзници да се користат од банките како гаранција за позајмување.

Премиерот Ципрас, веднаш по најавата од ЕЦБ, разговарал со првиот човек на банката, Марио Драги. Според информациите во Грција, Драги го уверил дека одлуката нема да влијае на грчкиот банкарски систем бидејќи ликвидноста на грчките банки е заштитена од Системот за итна помош за ликвидност на ЕЦБ.

Оцените се дека овој чекор на ЕЦБ е обид да се зголеми притисокот врз грчката влада да се повлече од најавите за целосно напуштање на програмата за штедење и од барањето за ново преговарање за грчкиот долг. Од грчка страна не се гледа волја за попуштање од владината програма и идеи и испраќаат јасна порака дека Грција и грчкиот народ никој не може да ги уценува, ниту да се обидува дополнително да ги осиромаши.

„Грчката држава нема намера да уценува никого, но ниту ќе дозволи да биде уценувана“, се вели во соопштението од владата, во кое се уверуваат граѓаните дека банкарскиот систем е безбеден. Грчкото Министерство за финансии уверува дека одлуката на ЕЦБ не влијае на финансискиот сектор во Грција, туку ова е чекор да се изврши притисок врз еврогрупата за да се постигне побрзо нов финансиски договор со грчката влада.

Независно од уверувањата на владата, финансиските пазари реагираа негативно на одлуката. Грчката берза од изутринава падна за 9,4 отсто поради најавата дека не се прифаќаат веќе грчки државни обврзници.

Јанис Варуфакис, кој е на најжешкото столче не чело на Министерството за финансии, денеска во Берлин треба да се сретне со својот германски колега, Волфганг Шојбле, и да се соочи со германскиот штит кој бара Грција да се врати итно на програмата и на мерките за штедење, реформите, програмата за отпуштање во јавната администрација за да ги доврши договорените обврски – нешто кое Варуфакис категорично одбива да го стори.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...