„Бункер“ го издаде графичкиот роман „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“

Фото: „Бункер“

Издавачот „Бункер“ во рамките на едицијата „Апслоутни почетници“, го издаде седмиот графички роман „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“, од германскиот автор и цртач Рајнхард Клајст.

„Зиги Стардаст е измислен лик создаден од англискиот музичар Дејвид Боуви (името Зиги е земено од кројачки дуќан, кој Боуви го има приметено додека патувал со воз). Тој е рокенрол вонземјанин испратен на Земјата да ја пренесе пораката на надеж, во последните пет години од нејзиното постоење“, информираат во „Бункер“.

Оттаму потсетуваат дека 1972 година го означува раѓањето на овој, како што велат, рокенрол месија, чии провокативни настапи му го донесоа на Дејвид Боуви статусот на водечка светска музичка ѕвезда.

„Графичкиот роман Стармен раскажува за подемот и падот на, веројатно,
најпознатото алтер его во музичката историја. Во него, авторот Рајнхард Клајст, ги испреплетува судбините на ексцентричниот фиктивен лик и Дејвид Боуви, од раните неуспешни денови на лондонската музичка сцена, до борбата со својата креација на врвот од славата“, велат оттаму.

Рајнхард Клајст е реномиран германски стрип-автор. Преведуван е на повеќе јазици, а неговите дела освоиле некои од најпрестижните награди. Графичкиот роман Cash I see a darkness (биографија на уште една музичка икона Џони Кеш), на пример, е номиниран за двете најпрестижни американски стрип награди Ајзнер и Харви. Истото дело, како и графичкиот роман Боксерот беа прогласени за најдобар стрип на германски јазик во годините на нивното објавување. За Боксерот, Клајст, како прв домашен стрип-автор, ја доби Германската награда за литература за млади. Бункер, исто така, го има објавено и неговиот графички роман Олимписки сон – Приказната на Самија Јусуф Омар кој ја освои Густав-Хајнеман наградата за мир.

Рајнхард Клајст работеше повеќе години на неговото најново оставарување–графичкиот роман Стармен, кој претставува круна на неговата досегашна кариера. Долгоочекуваната светска премиера на германски јазик беше на 30 ноември 2021 година, а „Бункер“ меѓу првите во светот ги откупи правата и го објави ова извонредно дело.

Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа
Министерството за култура. Преводот од германски јазик е на Симона Мирчевска, а предговорот го напиша Игор Анѓелков. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с. Издавачот „Бункер“ повеќе од 10 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.