„Бункер“ го издаде графичкиот роман „Алжир е убав како Америка“

фото: Стрип Книжарница Бункер - Скопје

Издавачот „Бункер“ во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“ го издаде осмиот графички роман „Алжир е убав како Америка“ од француските автори Оливија Бартон (сценарио) и Махи Гран (цртеж).

Делото ги истакнува комплицираните односи помеѓу Алжир и Франција, а од „Бункер“ велат дека ниту една болна тема не останува недопрена, па така, во графичкиот роман се присутни колонијализмот, расизмот, војната и пост-воените трауми.

И покрај ова, додаваат издавачите, делото е раскажано на непретенциозен и духовит начин, без заземање страна.

„Дали по повеќе од половина век од независноста, војната во Алжир е навистина завршена? Ништо не е сигурно, бидејќи товарот на страдањата на актерите се пренесува на нивните потомци. Црни стапала е погрден назив за луѓето со француско потекло, кои биле родени и живееле во Алжир во периодот од 1830 година до 1962 година кога, по крајот на крвавиот алжирски конфликт, биле принудени да ја напуштат земјата и да се вратат во Франција. Оливија Бартон е црно стапало. Расте во Франција, слушајќи приказни за митскиот Алжир разорен од пеколот на војната, чии лузни сè уште се чувствуваат на двете страни од Медитеранот. На 40 години и покрај предупредувањата, решава сама да отпатува и да ја запознае земјата на нејзините корени… “, велат од „Бункер“ во својот опис за „Алжир е убав како Америка“.

Потребата од градење мостови и соживот, раскажана во графичкиот роман, испраќа силна хумана порака до читателите на овие простори.

„Алжир е убав како Америка“, изворно објавен во 2015 година, доживеа голем успех во Франција, каде за кратко време беа објавени неколку нови изданија. Преведен е на неколку јазици, а македонското издание е негово прво објавување во регионот.