Централниот дел на Тетово, иако е реконструиран, е далеку од она што беше ветено пред повеќе од две години од градоначалничката на Тетово. Денес овој плоштад е узурпиран од улични продавачи, а поголемиот дел од ветената работа не е завршена. Од општината вината за непочитување на договорот ја префрлуваат на компанијата – изведувач. Тие пак ги негираат тврдењата на општината и истакнуваат дека договорот е раскинат затоа што општината не ѝ платила компанијата за извршената работа, пишува „Порталб.мк“.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, пред две години, го претстави идејниот проект за новиот изглед на тротоарите во централниот дел на градот, односно на булеварот „Илирија“.

Во таа прилика,  на 17 март 2017, Арифи вети дека покрај патеките и жардињерите подигнати за зеленило, ќе бидат поставени 73 столба за јавно осветлување, 12 фонтани за вода за пиење, 75 метални штитови за стебла на дрвјата, 22 канти за отпадоци, 32 конструкции за паркирање велосипеди, како и 233 дрвени клупи за граѓаните.

Тоа беше кажано, плаќањето беше извршено, но граѓаните на Тетово никогаш не ги видоа 73 – те столба на осветлување на плоштадот „Илирија“, ниту 12 – те фонтани за вода за пиење, ниту дрвјата заштитени со метални штитови, а за да се најде корпа за отпадоци треба да се оди со километри, паркинг за велосипеди нема, а пак дрвените клупи се претежно донации од приватни фирми.

3Д фотографиите кои градоначалничката на Тетово ги подели за тоа како би изгледал овој проект, не соодветствуваат со тоа како изгледа булеварот „Илирија“ денес.

За недостатокот на елементите, од општина Тетово вината ја префрлуваат на компанијата која требало да ги заврши работите и додаваат, дека според нив овој случај стигнал до судските инстанции.

– Општина Тетово е во судски спор со економскиот оператор токму заради тоа што не е почитуван договорот добиен во постапката за јавна набавка. Судските инстанци пресудиле во корист на Општината, претходно се констатирало дека 60 отсто од инфраструктурните работи се завршени и направен е пресек за да се овозможи раскинување на договорот и буџетско планирање за делот на јавното осветлување, уредување на велосипедските патеки, инсталирање на јавно осветлување, поставување на урбана опрема и други позиции кои произлегуваат од основниот проект – рекоа од Општина Тетово за „Порталб.мк“.

За тоа кога се очекува да се заврши овој проект, од Општина Тетово рекоа дека се доделени средства од буџетот за 2020 година за завршување на последната фаза на овој проект којшто, според нив, беше оневозможен како последица на тоа што тие го нарекуваат „неодговорност на економскиот оператор“.

Од друга страна, од компанијата која се обвинува како неодговорна од Општина Тетово, го демантираат последното нагласувајќи дека договорот е поништен заради неплаќање за завршена работа, а не по вина на компанијата „ИР Груп“. Тие додаваат дека овој проект бил пропаднат уште од почетокот, во сите погледи.

– Општина Тетово уште од почетокот сѐ до поништување на договорот не почитуваа ништо од истиот, тие ни плаќањето не го вршеа навреме а понекогаш воопшто и не плаќаа. Ова е причината поради која ние ги пративме на суд а не тие нас, значи заради неисплаќање на долговите што ги имаа кон нас. Проектот беше пропаднат уште од неговиот почеток, имаше многу недостатоци во проектот, и затоа ние доцневме со нашето работење бидејќи проектот беше пропаднат и бевме приморани да интервенираме – рече Зана Зејнулаи, сопственичка на „ИР груп”.