На една од раскрсниците на новиот булевар „Христијан Тодоровски – Карпош“ во скопската населба Бутел, и еден месец по пуштањето во сообраќај, семафорите воопшто не функционираат. Ова претставува опасност и за возачите, и за пешаците, кои го користат овој пат во северниот дел од Скопје, пишува „Порталб.мк“.

Иако булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ беше пуштен во употреба пред 1 месец, оттогаш семафорите на оваа раскрсница не работат. На овој пат се движат возила кои се поврзуваат со Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен, Чучер – Сандево. Согласно „Законот за безбедност на патниот сообраќај“, општините и градот Скопје го регулираат сообраќајот на локалните патишта и улиците во нивната област, во согласност со законските одредби. Во овој случај, тие се одговорни за поставување и одржување на семафорите.

Од Град Скопје велат дека семафорите не се поврзани, бидејќи ЕВН сè уште нема поставено броило.

– Сега броилото треба да го постават екипите на ЕВН. Веднаш по поставување на броилото, екипите на ЈП „Улици и патишта“ ќе ги вклучат семафорите – се вели во одговорот на Град Скопје за „Порталб.мк“.

Од ЕВН за „Порталб.мк“ изјавија дека барањето на Град Скопје пристигнало кај нив и дека по истото тие ќе постапат во наредните денови.

– Градот Скопје има доставено неколку барања, на кои ЕВН веќе работи. Како што ќе заврши подготовката на документацијата и техничкото решение, така ќе бидат поставени и броилата – велат од ЕВН.

„Порталб.мк“ неофицијално дознава дека барањето на Град Скопје било поднесено оваа недела, а пак булеварот е инаугуриран на 7 мај. На отворањето на булеварот присуствуваше и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Новиот булевар е широк 40 метри, со шест ленти од по три и пол метри. Од двете страни има велосипедски патеки со ширина од по два и пол метри, тротоари од двете страни на булеварот, во средина има простор за зеленило, а од двете страни на булеварот и зеленило. Инсталиран е нов водовод, фекална и атмосферска канализација, како и ново осветлување со 140 столбови.