fbpx

Бугарскиот премиер со најава за кревање на ветото, но и за Македонија во ЕУ „најрано за 10 години“

-

Премиерот на Бугарија, Кирил Петков, навести дека неговата земја би можела да го крене ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ за полноправно членство, но и дека во текот на преговорите Бугарија ќе поставува услови. Петков е убеден дека Северна Македонија ќе влезе во ЕУ најрано за 10 години.

Во големото велигденско интервју за бугарската телевизија бТВ, тој посочува дека и кај двете страни има луѓе „што сакаат да ги разнишаат добрите односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, но националистичките повици треба да се игнорираат за да се оди напред кон заедничката цел – Северна Македонија да биде членка на ЕУ.

„Има многу луѓе коишто се обидуваат да ги разнишаат добрите односи меѓу Бугарија и Северна Македонија. Нашата влада нема да подлегне на вакви лесни провокации, кои се обидуваат да се случат од двете страни. Имаме една заедничка цел – Северна Македонија да биде европска земја, добар сосед. Заедно можеме да создадеме економски раст и сите овие националистички повици и провокации само треба да ги игнорираме за да продолжиме напред“, порача Петков.

Според него, гаранциите за правата на Бугарија во Македонија може да се осигураат преку европскиот процес, односно тие да бидат дел од условите во преговорите, и таквите права, во овој случај, ќе ги бара ЕУ, наместо Бугарија. Тоа сепак ќе значи поставување услови во преговорите од страна на Бугарија, а според Петков, земјава би можела да стане членка на ЕУ најрано за 10 години.

„Гаранцијата за правата на Бугарите во Република Северна Македонија може да се осигура и преку европскиот процес. Рално, ако ги ставиме во Европскиот договор за Република Северна Македонија, повеќе нема само Бугарија да инсистира на тие права, туку договорот со ЕУ ќе ја дава таа гаранција за тие права. Така што, кревањето на ветото, како што сите велат – дали да се укине или не – е погрешен начин на размислување. Овде мора да кажеме – PCM ќе биде во Европската Унија најрано за 10 години. Има многу поглавја на нејзиниот пат кон Европа“, вели бугарскиот премиер, имплицирајќи дека е за кревање на ветото и што побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Тој потоа објаснува дека од почетокот на разговорите до нивниот крај, Бугарија ќе ги поставува своите барања при отворање на посебните поглавја.

„Треба само да си поставиме услови – на пример, за Уставот пред првото поглавје. На овој начин, кревајќи го ветото, ние отвораме пат за Северна Македонија да тргне. Но, во овие посебни поглавја можеме да ги ставиме сите услови кои ни се неопходни и така нема да го решиме проблемот, кој моментално постои, за една или две недели, туку ќе имаме 10 години да работиме заедно за да може РСМ навистина да биде европска земја и сите права на Бугарите таму да бидат целосно заштитени. Така, што пристапот треба да биде попаметен“, вели Петков.

Инаку, во прилог на тезата дека е веројатно блиску мигот кога Бугарија ќе го поддржи давањето датум за почеток на преговорите е и „турнејата“ на македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој утре патува во Берлин на официјални разговори, а од таму веднаш ќе се упати во Софија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...