Нено Димов, министерот за животна средина и водни ресурси на Бугарија вчера беше притворен на 24 часа, по истражувањето на „ЕУрактив Бугарија“, кое покажа дека иако нивото на вештачкото езеро што го снабдува Перник со вода било алармантно ниско уште во август минатата година. Дополнително, тој се товари и за увоз на отпад во Бугарија, главно од Италија, пишува „ЕУрактив“.

Вчера Димов си поднесе оставка, а денеска доби и дополнителни 72 часа притвор, извести „mediapool.bg“.

Го товарат дека умислено нанел штета со давање дозвола за користење на вода од вештачкото езеро „Студена“’ за металуршката компанија „Стомана“ и за „Топлификација Перник“ и покрај неколкуте предупредувања од шефот на јавното претпријатие Водовод и канализација од Перник дека опаѓа нивото на водата во вештачкото езеро.

Нено Димов е од националната партиска коалиција „Обединети патриоти“ а беше мета на јавноста предминатата и минатата година поради плановите за проширување на ски-центарот Банско. Попладнево од софиското обвинителство обелоденија дека од кабинетот, но и од домот на Димов се земени документи кои се однесуваат на давањето на концесијата за Банско на компанијата „Јулен“.

Во меѓувреме, италијанските власти вршат истрага за мафијашка операција за извоз на ѓубре од Италија во Бугарија, каде требало да се согорува во термоелектрани, во време кога загаденоста на воздухот е многу висока во многу места во Бугарија, пишува „ЕУрактив“.

Бугарскиот оддел на овој медиум во средата објави истражување од новинарката Ваља Ахчиева, со 20-минутно видео, под наслов „Водата во Перник – лаги снимени од сателит“. Ова новинарско истражување користејќи сателитски снимки покажува дека нивоата на водата во Студена биле ниски уште во август минатата година, а оттогаш властите не преземале ништо.

Покрај Димов, приведена беше и заменик-обласната управителка од Перник, Ирена Соколова, како и поранешниот директор на водоснабдувачкото јавно претпријатие од Перник, Иван Витанов.

Веќе неколку седмици во Перник има огромен недостиг на вода, а жителите добиваат вода од цистерни.