Светлан Стоев, министер за надворешни работи на Бугарија во техничката влада. Мај 2021. Фото: МНР на Бугарија

Основниот приоритет на екипата што го раководи Министерството за надворешни работи на Бугарија е враќање на довербата и активирање на дијалогот со Северна Македонија, порача техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, пренесува бугарски „Дневник“.

„Ние сме отворени за дијалог, за барање конструктивно решение. Целта е постигнување одржаливи и неповратни резултати во возобновувањето на довербата меѓу двете држави“, вели Стоев.

Тој при претставувањето на својот тим, рече дека целта е темата да се врати во „нормалните европски формати“.

„Ние предлагаме, од една страна, рестартирање на дијалогот, а од друга, враќање на темата во нормалните европски формати, каде што треба да се решаваат овие прашања и каде што ќе се дадат гаранции на Бугарија дека двостраните договори ќе се почитуваат“, рече Стоев.

Сепак, техничкиот министер нагласи дека во однос на прашањето за Северна Македонија „не може да се посочат разлики во позициите на структурите на државата, нашата политика е доследна“.