Пишувајќи за зголемувањето на сообраќајните казни во Бугарија, кое треба да се случи на 21 јануари, бугарската агенција „Блиц“, во рубриката за автомобилизам, пласираше една дезинформација за Македонија.

Имено, изнесувајќи ги износите за новите сообраќајни казни што ќе се изрекуваат во Бугарија за неполни две седмици, „Блиц“ пишува дека казните во текот на летото се зголемиле „во Грција, Северна Македонија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина“.

Со тоа агенцијата „ги помеша брзините“ – во Македонија казните за сообраќајните прекршоци не беа зголемени во текот на летото, туку тогаш беше најавено нивно намалување. Имено, тоагаш се правеа измени на Законот за прекршоци, а постапката за нивното намалување дефинитивно почна на крајот на октомври минатата година, кога владата го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој потоа влезе во собраниска процедура и се очекува да биде изгласан.

Во изминативе години во Македонија се направија неколку измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, но ниту една (најмалку, пак, летово) не содржеше зголемување на сообраќајните казни како целост, а согласно со тоа, и она што „Блиц“ го пласираше е невистина.