Бугарскиот историчар Стефан Дечев, познат по своето контроверзни изјави за теми од бугарската историографија и професор на Софискиот универзитет и Југозападниот универзитет во Благоевград, денеска, повеќе од еден месец од мрачниот датум на депортацијата на македонските Евреи и на Евреите од окупираните територии на Грција, потсети дека во 1943 година по вина и во организација на тогашна Бугарија, е направен своевиден геноцид.

Во текстот објавен на бугарското издание на Радио Слободна Европа, Дечев потсетува на добропознатото во Бугарија – дека на 9 и 10 март 1943 година, под притисок на некои луѓе и одлука на царот Борис Трети, депортацијата на Евреите од „старите краишта“, односно горе-долу територијата на денешна Бугарија е стопирана, но и дека од териториите на денешни Македонија и Грција, но и Пиротската област во денешна Србија, во смрт во нацистичките логори на смртта заминуваат 11.343 Евреи.

Дечев нагласува дека не станува збор за идеја на царска Софија, но и дека кога тоа прашање ќе дојде на дневен ред, бугарските власти во времето на Втората светска војна беспоговорно и последователно го спроведуваат. Бугарскиот историчар потсетува и на трагичната судбина на тогашните парламентарци Никола Мушанов и Петко Стајнов, кои се спротивставуваат на ова „конечно решение“ за Евреите од новоокупираните територии.

Нагласувајќи дека без притисокот на нацистичка Германија не би се случила депортацијата на Евреите, професорот Дечев сепак изразува вчудовиденост од ставовите на официјална Софија во 21. век, нарекувајќи го тоа спротивставување на очигледни факти.

Дечев потсетува дека на 8 март 2013 година бугарскиот парламент со декларација ги осудил настаните нарекувајќи ги „престапен чин, преземен од Хитлеровата команда“ и изразил жалење „што не било во можностите на локалната бугарска администрација да го сопре“. „Потоа уследи отворено писмо до парламентот против „изопачувањето на некои историски факти и обидите за прикривање на одговорноста на бугарските власти за депортацијата на повеќе од 11.000 Евреи од териториите во Кралството Југославија и Северна Грција окупирани од бугарската држава“, кое беше заташкано, пишува Дечев.

Тој потсетува дека на 4 март 1943 година почнува „преместувањето“ организирано од бугарските власти на Евреите од Беломорјето и островот Тасос, кои од 5 до 10 март се испратени во привремениот логор во Горна Џумаја (денешна Благоевград).

На 6 март Евреите од Ѓумурџина и Ксанти се пренесени во Дупница. На 11 март почнува „преместувањето“ на Евреите од Вардарска Македонија, кои се носат во скопскиот Монопол, каде престојуваат отприлика две седмици. На 21 март во Скопје пристигнуваат заради надгледување на депортацијата бугарскиот комесар за еврејски прашања Белев, германскиот амбасадор во Софија Бекерле и хауптштурмфирерот од СС, Данекер, по што на 22, 25 и 29 март во Скопје 7.144 Евреи (меѓу кои има и деца) во три транши се предадени од бугарските на германските власти и се однесени во концентрациониот логор на нацистите „Треблинка“ во денешна Полска, каде наскоро го доживуваат крајот на земните животи, пишува професорот по историја.

„На тој начин, бугарската полиција во Вардарска Македонија, Беломорјето и Пирот, со соучесништво на бугарската армија и бугарската админстрација, но не и без помош од бугарскиот наставен кадар во ,новите земји“ и бугарскиот Црвен Крст, среде ноќ ги одведуваат Евреите од нивните домови.

Откако им даваат половина час да си земат врзоп алишта, тие се одведени во логори и складови, како етапа на нивното депортирање во источните предели на Рајхот. До точките на заминување при депортацијата во Лом и Скопје, нивното спроведување и изнесување е извршено од бугарските месни власти, полиција и војска“, пишува Дечев.

Тој потсетува дека бугарската власт го одзема целиот недвижен и движен имот на овие луѓе и ги изнесува од земјата без никакви средства. За тоа се користат пари одземени од Евреите, а формално фактурирани на фондот „Еврејски општини“.

„Заштитниците на позицијата за отсуство на одговорност од страна на бугарија, исто како и авторите на декларацијата од 8 март 2013 година вообичаено се повикуваат на т.н. декларација „Клодиус-Попов“, потпишана на 24 април 1941 година од нацистичката влада на Германија и бугарскиот министер за надворешни работи. Тие сакаат да не убедат дека станува збор за ,германска окупациона зона, предадена за администрирање на Бугарија’. Противниците на горниот став се категорични дека бидејќи во тие години е сојузник на Третиот рајх, Бугарија де факто спроведува суверенитет на териториите на Вардарска Македонија, Беломорјето и Пиротско. Уште во април 1941 таму е воспоставена редовна граѓанска, административна и официјална власт на царството Бугарија, со сите нејзини атрибути“, пишува бугарскиот професор Стефан Дечев.

Осврнувајќи се на тврдењето дека тогашните бугарски власти не знаеле што ќе се случи со депортираните Евреи, Дечев потсетува дека од Вардарска Македонија и Беломорјето се изнесени од дома сите Евреи, вклучително и доенчиња и стари и изнемоштени луѓе… Тој вели и дека до март 1943 година веќе се знае за масовни убиства на Евреи и за хитлеровата политика за нивно истребување. Во прилог на тврдењето тој ги наведува извештаите на странските радиостаници што емитуваат на бугарски јазик, како и изјавата на швајцарскиот амбасадор Шарл Редар на 11 март кој во разговор со тогашниот премиер Филов споменува дека испраќањето во Полска значи „смрт“, но и иницијативата на Димитар Пешев, кој јасно зборува за учество на државата во „масовно убиство“.

Современиот бугарски историчар Дечев потсетува и на потегот на парламентарецот и лидер на Демократската партија Никола Мушанов, кој вели дека станува збор за уништување на Евреите, како и на неговиот колега парламентарец Петко Стајнов, кој испраќа писмо до премиерот Филов, во кое протестира против мерките.

„Од сведоштва што стасуваат во Софија станува јасно дека власта насилно ги собира сите Евреи -жени, мажи, деца, старци – од новостекнатите во 1941 година земји, без да им даде можност да си ги средат домашните работи и без да земат достаточно алишта, со полиција ги товари во вагони, и ги донела во Горна Џумаја и Дупница, каде ги ставил во тутунски складови и ги оставила некоку дена на студ и неповолни услови“, напишал тогашниот парламентарец, кој подоцна во социјалистичко време доживувал прогонства.