Бугарија може да ја преземе воздушната контрола над Македонија кога земјата ќе влезе во НАТО и ако Алијансата ѝ ја довери оваа задача, пишува бугарскиот портал „Вести“, повикувајќи се на порталот „Прес“.
Официјална Софија би можела да ја преземе ваквата задача доколку набави нови повеќенаменски борбени авиони и доколку Македонија се согласи Бугарија да ја преземе безбедноста на нејзиното небо.
Како што пренесува „Вести“, ова може да стане реалност ако Народното собрание на Бугарија ја прифати Програмата за развој на одбранбените способности на бугарските вооружените сили до 2020 година, која влегува на јавна расправа.
Земји-членки на Алијансата го чуваат небото на сојузниците кои се без борбена авијација, како, на пример, небото над Литванија, Летонија и над Естонија, кои ги чуваат останатите членки на НАТО во ротацијата.
Бугарскиот портал наведува дека Бугарија веќе неколку години врши радарско набљудување на воздушниот простор над Македонија по линија на воздушен оперативен центар на НАТО.