Бугарската полиција го попречила спасувањето на тинејџери – мигранти кои премрзнале до смрт

Момчињата кои подоцна биле идентификувани како Ахмед Самра (17), Ахмед Елавдан (16) и Сеифала Елбелтаги (15), биле пронајдени мртви, а Ахмед Самра бил пронајден со отпечатоци од кучешки шепи и отпечатоци од чизми околу неговото тело. Во извештајот се тврди дека ова покажува оти  „граничната полиција веќе го пронашла, можеби сè уште жив или мртов, но избрала да го остави таму на студ“.

Активист за правата на мигрантите стои покрај телото на Ахмед Елавдан, пронајдено во декември на студ под нулата во близина на Бургас, Бугарија / фото: „No Name Kitchen“ и „Collettivo Rotte Balcaniche“

Бугарските власти се обвинети дека ги игнорирале повиците за итни случаи и ги попречувале напорите за спасување на три египетски тинејџери, кои подоцна починале на температури под нулата во близина на бугарско-турската граница кон крајот на декември.

Извештајот „Смрзнати животи“ (Frozen Lives) на организациите „No Name Kitchen“ (NNK) и „Collettivo Rotte Balcaniche“ (CRB), а кој го објави Гардијан, го покажува неуспехот на бугарските власти да ги спасат момчињата кои повикале помош додека се бореле на студот и биле изгубени во шумите на Бургас, во југоисточна Бугарија.

Бугарската граница со Турција е чест премин за лицата кои се надеваат дека ќе стекнат азил во Европа, но во последните години беа документирани прекршувања на човековите права, вклучително и наводи за незаконско враќање на барателите на азил во Турција. Станува збор за карпест, ридски терен, со ниски зимски температури и жестоки ветрови.

„NNK“ и „CRB“ велат дека утрото на 27 декември 2024 година првпат биле известени за упатени повици на телефонската линија за итни случаи формирана од чадор група на добротворни организации. Повиците се однесувале на тројца тинејџери во непосреден ризик од смрт и испратени ГПС локации.

Активистите потоа се јавиле на официјалниот број за итни случаи 112 и се обиделе самите да дојдат до момчињата.

Бугарската полиција, наводно, ги попречила обидите за спасување на организациите и покрај тоа што ѝ била прикажана снимка од едно од момчињата на снег.

Момчињата кои подоцна биле идентификувани како Ахмед Самра (17), Ахмед Елавдан (16) и Сеифала Елбелтаги (15), биле пронајдени мртви, а Ахмед Самра бил пронајден со отпечатоци од кучешки шепи и отпечатоци од чизми околу неговото тело. Во извештајот се тврди дека ова покажува оти  „граничната полиција веќе го пронашла, можеби сè уште жив или мртов, но избрала да го остави таму на студ“.

Телото на Сеифала Елбелтаги било пронајдено на 29 декември 2024 година / фото: „No Name Kitchen“ и „Collettivo Rotte Balcaniche“

Извештајот дава детали и за систематско малтретирање на спасувачките тимови на организациите при пад на температурите во декември, како и вандализам на еден од нивните автомобили кој бил пронајден со скршени стакла и проблеми со моторот.

Неколку организации за човекови права во последниве години алармираа поради, како што велат, наглото зголемување на нападите на оние кои покажуваат солидарност и работат со барателите на азил и мигранти низ Европа.

Бугарските власти минатиот септември се најдоа во центарот на јавноста откако истражувачкиот медиум „Balkan Insight“ откри докази кои сугерираат дека службеници од Фронтекс, граничната агенција на ЕУ, биле заплашувани за да молчат за кршењето на правата на лица, за што службениците биле сведоци на бугарската граница.

За смртта на тројцата тинејџери, организациите „NNK“ и „CRB“ повикаа на независна истрага за системското насилство и небрежноста од бугарските власти.

Бугарското Министерство за внатрешни работи ги отфрли наводите и рече дека неговите гранични сили реагирале навремено на извештаите за млади луѓе во неволја, испраќајќи патроли „веднаш“, но дека телата биле пронајдени на различни локации од првично дадените.

Велат дека истрагите за овие случаи продолжуваат и додаваат оти граничната полиција „не дозволува ниту толерира какво било изразување на нечовечко или непочитувачко однесување на нејзиниот персонал кон граѓаните“.