Бугарската „криптокралица“ Ружа Игнатова се најде на листата на 10 најбарани лица на ФБИ

Фото: OneCoin Coporation, CC BY-SA 4.0 , Викимедија комонс

Бугарската државјанка Ружа Игнатова, позната и како „исчезнатата криптокралица“ е ставена на листата на 10 најбарани лица на ФБИ во САД, јавува „Би-би-си“.

Игнатова се бара поради нејзината наводна улога во водење измама со криптовалути позната како „OneCoin“. Федералните истражители ја обвинуваат бегалката дека ја искористила шемата за измама на жртвите за повеќе од 4 милијарди американски долари.

Таа се води како исчезната од 2017 година, кога американските власти потпишаа налог за нејзино апсење.

Во 2014 година, „OneCoin“, самонаречената криптовалута, почна да им нуди на купувачите провизија доколку ја продадат валутата на повеќе луѓе. Агентите на ФБИ велат дека „OneCoin“ бил безвреден и никогаш не бил заштитен со блокчејн технологијата што ја користат останатите криптовалути. Според тврдењата на федералните обвинители, во суштина станувало збор за Понзи шема преправена како криптовалута.

ФБИ ги додава бегалците на својата листа на најбарани кога верува дека пошироката јавност ќе може да помогне во нивното пронаоѓање.

Бирото понуди 100.000 американски долари за секоја информација што ќе доведе до апсење на Игнатова, која во 2019 година беше обвинета по осум точки, вклучително и за измама со хартии од вредност.

Игнатова е единствената жена на листата на 10 најбарани лица на ФБИ. Таа за последен пат била видена како се качува на лет од Бугарија за Грција во 2017 година и оттогаш ѝ се губи секаква трага.

„Би-би-си“ пишува дека се верува оти Игнатова исчезнала со најмалку 500 милиони долари, што ѝ помага да се сокрие од законот.

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here