Бугарската агенција БГНЕС со уште еден текст за министерката Божиновска: Самата потпишала дека е Бугарка

Сите што аплицираат за бугарски пасош, односно бугарско државјанство, мора да потпишат ваков документ, во кој се вели дека тие и нивното семејство имаат бугарски корени без разлика дали е тоа вистина или не

-

Бугарската новинска агенција БГНЕС, денеска објави уште еден во серијата написи во кои директно се напаѓа македонската министерка за енергетика Сања Божиновска. Во написот објавен утрово се вели дека министерката самата потпишала документ оти има бугарска самосвест и бугарско потекло.

Во текстот е објавен факсимил од документ стар дваесет години, од октомври 2004 година. Станува збор за потврда која е дел од процесот за аплицирање за бугарски пасош. Сите што аплицираат за бугарски пасош, односно бугарско државјанство, мора да потпишат ваков документ, во кој се вели дека тие и нивното семејство имаат бугарски корени без разлика дали е тоа вистина или не.

Ваквиот напис доаѓа откако пред две седмици самата Божиновска реагираше на изјава на потпретседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, која рече дека лично ја погледнала токму оваа потврда што денеска ја објави БГНЕС.

„Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари“, напиша тогаш Божиновска на социјалните мрежи.

Таа додаде оти овие луѓе бараат бугарски пасош „од една и единствена причина, економски потреби за работа надвор од Македонија“.

Од друга страна, пак, во текстот на БГНЕС се посочува дека во моментот кога Божиновска го бара бугарскиот пасош, Бугарија сè уште не беше членка на Европската унија.

Во истиот текст, министерката е обвинета дека работела во контроверзната компанија чиј сопственик бил обвинет за криминални шеми.

Покрај овој текст, претходно бугарската агенција БГНЕС, објави уште дузина текстови во кои директно е нападната министерката Божиновска. Еден од нив е со наслов „Бугарката Сања Божиновска е најбогатата министерка во кабинетот на Мицкоски“. Во него во кој се повторуваат истите обвинувања за поврзаност со контровезната компанија Руднап.

За волја на вистината, компанијата Руднап на сопственикот Воин Лазаревиќ, навистина се појавува во истражувањето на КРИК, Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари – ICIJ и германскиот весник „Зидојче цајтунг“ од 2016 година, како една од фирмите што има свои сметки во даночни раеви.

Истата компанија Руднап и нејзината поврзаност со Божиновска, се спомнува во друг напис на бугарскиот неделник Фактор од јули годинава. Бугарски фактор тогаш пишуваше дека Божиновска во Бугарија е поврзана со енергетската компанија „Руднап груп Бугарија ЕООД“ која се бави со трговија со енергенси, електрична енергија, нафта, природен гас, јаглен. Во текстот исто така се посочува оти компанијата „Руднап груп“ е во сопственост на српскиот бизнисмен Воин Лазаревиќ.

Според „Фактор“, Сања Божиновска се поврзува и со „Руднап ДООЕЛ“ Скопје каде што била управител. Оваа компанија, според „Фактор“, е веќе згасната, а не толку одамна била и предмет на истрага на македонската финансиска полиција под сомнежи дека ја предизвикала штета од 700.000 евра во Македонскиот електро-преносен систем оператор (МЕПСО).

МОН: Историја, географија, физика, хемија и биологија повторно ќе бидат посебни предмети

Направени се измените на Концепцијата за основно образование, на чија потреба во изминатиот период упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта, информираат од Министерството за...