Бугарскиот дневен весник со лева ориентација „Дума“ во коментар објавен на 2 декември на официјалната веб-страница, посветен на најновата сесија на Заедничката бугарско-македонска комисија за историските прашања, тврди неколку очигледно непоткрепени работи за односите меѓу Бугарија и Македонија.

Во текстот се вели дека има предавство на бугарските власти – односно откажување од идентитетот, отстапување од историјата за да „одговори на американскиот план за Балканот“, кои „со ништо не го сменил односот на Скопје“, чии „претензии продолжуваат агресивно да растат“. Дополнително, се вели, и дека Македонија ќе влезе во НАТО „и покрај нејзиното антибугарско однесување“ и дека тоа ќе „даде импулс на Скопје да излегува со уште и уште претензии, а Бугарија ќе треба да се усогласува со ,новите балкански реалности’ наметнувани отаде Океанот.“

Но лутиот, нереален, максималистички коментар не запира тука. На авторот му пречи и користењето на македонскиот јазик во структурите на ЕУ кога Македонија ќе стане дел од унијата. „Утре евроатлантската политкоректност ќе наложи и користење на ,македонскиот јазик’ како работен во структурите на ЕУ, а Бугарија, ќе дува во супата’“. И види, за некој ден ќе се појават и територијани претензии кон Пиринскиот крај“, се вели во коментарот.

Да не се споменува Бугарија, „антибугарско однесување“, човек ќе си помисли дека безмалку станува збор за текст излезен од грчките ултранационалистички кујни.

Сеедно, овој коментар е скаран со вистината.

Како прво, македонскиот јазик постои и е признаен од ОН и од светот. Колку и да не им се допаѓа тоа на некои крајни десничари од Бугарија (во случајот замаскирани како левичари), тој и таков јазик ќе се користи во ЕУ кога еднаш ќе влеземе во унијата, ако таа унија сака да остане доследна на сопствените темелни вредности.

Второ, во својата пизма кон Македонија и Македонците авторот си дозволува да импутира некакви намери, територијални претензии (иако Македонија јасно декларираше добрососедски намери во Договорот со Бугарија), но уште повеќе да се жали дека Бугарија е губитничката страна, во разговорите на Заедничката комисија.

Наспроти тоа, фактите зборуваат нешто повеќе. Бугарските членови на комисијата, почнувајќи од Ангел Димитров, преку Наум Кајчев, па до сите други, како и историчари што не се во комисијата, железни опинци искинаа трчајќи од еден во друг бугарски медиум за да демонстрираат непопустливост кон сосема легитимните аргументи и предлози на македонската страна, инсистирајќи на бугарското толкување.

Дополнително, и бугарскиот парламент усвои резолуција, а бугарската влада постави 20-тина услови што ќе треба Македонија да ги задоволи за да може да напредува во преговорите за членство во ЕУ. И сите до еден се апсолутно ултимативни (или ќе прифатите дека работите се како што велиме ние, или ќе ви ги блокираме преговорите). А тоа не звучи баш како губитничка позиција, нели.

Општо земено, за добро познатата бугарска теза за бугарскиот карактер на нетурското, неалбанското, невлашкото, население на Македонија од памтивек до ден-денес сме пишувале повеќе пати, оповргнувајќи го ваквиот максимализам повикувајќи се на содржини руски, турски, австроунгарски, германски, британски архиви сосема коректно пренесувани во македонската историографија дека голем дел од населението низ времето наназад до средниот век, не се декларирало едногласно како бугарско, туку имало и Македонци, замислете, кои биле попишувани во таква графа… Неупатените, како еден пример за непристрасен труд на темата, може да ја побараат книгата „Македонскиот јазол“ на Ханс Лотар Штепан, првиот германски амбасадор во самостојна Македонија.