Бугарија и Словенија испраќаат помош во земјава за гаснење на пожарите

Извор: Министерство за одбрана

Откако Србија во текот на вчерашниот ден се одлучи да испрати четири хеликоптери за гаснење на пожарите во земјава, најавено е дека помош денеска ќе пристигне од Бугарија и Словенија.

По вчерашниот телефонски разговор меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин, се реализира ветувањето за помош при справувањето со пожарите во Северна Македонија. Словенија испраќа 16 противпожарни возила и 46 пожарникари да помогнат во гасењето на пожарите низ земјава, информираат од Министерството за одбрана.

„Се надевам дека ќе ги скротите огновите што е можно поскоро“, ѝ напиша министерот Тонин на министерката Шекеринска, информирајќи ја за брзата реакција на сојузничката земја.

Помошта од Словенија во луѓе и возила се очекува да пристигне најдоцна утре, информираат од Министерството за одбрана.

Воедно и бугарскиот премиер Стефан Јанев денеска најави дека ќе испрати помош на земјава за справување со пожарите, јавува БГНЕС.

Бугарија ќе испрати 25 пожарникари, три противпожарни возила и две амбулантни возила, кои треба да помогнат во справување со пожарите во источниот дел на земјава.

Инаку, во моментов во земјава се активни десетина пожари во Струмичкиот, Кумановскиот, Битолскиот, Штипскиот, Скопскиот и Тетовскиот регион. Во моментов, за голем пожар се алармира и во близина на Пехчево, којшто со голема брзина се движи кон археолошкиот локалитет „Света Петка“.