Бугарија го екстрадираше Игор Спасов во земјава

Бугарските органи денеска го екстрадираа Игор Спасов во земјава. Министерството за правда попладневно информираше дека властите од соседната земја позитивно одговориле на барањето на македонското Министерство за правда за екстрадиција на лицето Игор Спасов назад во Северна Македонија. Властите од Бугарија денеска го екстрадираа лицето до граничниот премин „Деве Баир“, од каде македонското МВР го спроведе во скопскиот затвор „Идризово“.

Од Министерството за правда информираат дека на 26.02.2021 година Градскиот суд во Софија донел одлука да дозволи негова итна екстрадиција назад во земјата. Игор Спасов во земјава треба да го одлежи преостанатиот период од 14-годишната затворска казна за убиството на Мартин Нешковски во 2011 година.

Барањето за екстрадиција на Игор Спасов беше испратено од министерот за правда Бојан Маричиќ на 10.02.2021 година. Бугарската полиција на почетокот на февруари годинава го уапси Игор Спасов во софиската населба „Младост 2“.

Игор Спасов од октомври 2019 година беше недостапен за органите на прогонот, откако тој не се врати во затворот „Идризово“ на доиздржување на затворската казна. Спасов досега има отслужено шест години затвор.