Парламентот со 134 гласа „за“ и 104 гласа „против“ денеска ја избра новата бугарска влада предводена од премиерот Кирил Петков. За формирање на извршната власт гласаа пратениците од „Промената продолжува“, предводена од Петков, потоа Бугарската социјалистичка партија, како и „Има таков народ“ и
„Демократска Бугарија“, додека против гласа пратениците од ГЕРБ, ДПС и Вазраждане.
„За четири години од денеска Бугарија ќе биде едно сосема поразлично место“, изјави новиот бугарски премиер Кирил Петков пред пратениците.
Тој ги претстави основите на владеење на неговата влада, во чиј состав влегуваат 19 министерства. Извршната власт ќе има и петмина вицепремиери, како и нови министри за иновации и раст и за електронско управување. Досегашниот ресор за животна средина прерасна во Министерство за климатски промени, животна средина и води.
Меѓу министрите во новата влада, забележливо е присуството на претседателката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова како министер за економија и индустрија, додека Асен Василев од победничката партија „Промената продолжува“ ќе биде новиот министер за финансии и вицепремиер за европските фондови.
Можеби најзначајната улога за решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе ја има новата министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, која што доаѓа од партијата „Има таков народ“ (ИТН). Таа завршила Воена академија, кариерата ја започнала во Генералштабот на бугарската армија, а работела и на позицијата раководителка на Одделот за НАТО и ЕУ во Министерството за одбрана.
Министерството за одбрана беше долг период – во владите на Бојко Борисов – раководено од Красимир Каракачанов, претседателот на ВМРО-БНД и познат негатор на македонски национален идентитет. Исто така, ИТН има поприлично еднаков став како ВМРО, така што би можело да се очекува дека во поглед на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија нема да се почуствува речиси никаква измена во периодот што следува.