Изминативе седум дена во поглед на надворешната политика, беа меѓу „најжешките“ седмици што Македонија ги имала од осамостојувањето досега. Во исчекување на тоа што ЕУ ќе го реши следната седмица за доделување датум за почеток на преговорите за приклучување кон европското семејство, во балканското ЕУ соседство помина вистинско торнадо, на само една недела пред Европскиот совет да донесе конечна одлука дали Северна Македонија и Албанија ќе добијат датум за почеток на преговорите.

Покрај двата одамна декларирани евроинтеграциски скептици, Холандија и Франција, пред надежта на Македонија се исправи Бугарија, а заби покажува и Грција. Додека Холандија, која традиционално е една од најконзервативните ЕУ членки во поглед на проширувањето, направи изненадување и во вторникот вечерта нејзиниот парламент го поддржа започнувањето на пристапните преговори со ЕУ на Македонија, но со многу покритички тон се позиционираше кон Албанија.

Франција, пак, изгледа останува на тврдата позиција на неприфаќање на проширувањето, што во завиена форма ја најави и францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние во интервју за Порталб.мк, односно дека земјава не исполнила многу услови. Секако, за да видиме дали ќе се предомисли Франција или не, ќе се чека до 17 месецов за да се се произнесе нејзиниот претседател Емануел Макрон, за кој се вели дека одлуката ќе ја донесе во последниот момент.

Иако далеку од тоа да дава таква неизвесност, Бугарија од понеделникот даде декларативна поддршка, но со многу неприфатливи услови што ја шокираа не само македонската јавност, туку и дел од бугарските интелектуалци.

Првин, бугарската Влада усвои речиси дваесет точки на почетокот на седмицава со максималистички позиции, како откажување на Северна Макeдонија од споменување македонско малцинство живее во Бугарија, отстранување на терминот „бугарски фашистички окупатор“ од текстовите во учебниците и натписите на спомениците и спомен плочите, како и ред други, кои се на линија на апсолутно бугарско потекло на словенското население во Македонија.

Веднаш потоа антиевропската реторика ја засили и бугарскиот парламент во средата со декларацијата за поддршка на давање датум за почеток на преговори за Македонија и Албанија, но повторувајќи ги ултранационалистичките услови. Списокот беспоговорни услови за Македонија за времето на отворање на секое поглавје идентично се поклопи со ултиматумот на бугарската влада.