И бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Бојко Борисов по консултативната средба во претседателскиот кабинет претпладнево излегоа со најави за црвени линии во поглед на бугарската поддршка за зачленување на Македонија во ЕУ, иако не го посочија специфично 17 октомври, кога од ЕУ се очекува датум за преговори за Македонија, како момент за бугарско вето.

И од Грција стасаа повторни најави за можни блокади преку устата на министерот за транспорт и врски на Грција, Костас А. Караманлис.

-Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно, но не може тоа да се случува на наша сметка, со прекројување на историјата – порача бугарскиот премиер Бојко Борисов по одржувањето на консултативната средба „Преглед на билатералните односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на постигнатите резултати од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и очекуваната покана за Македонија за приклучување кон ЕУ“, јави бугарската агенција „Фокус“.

На средбата што ја свика претседателот на Бугарија не присуствуваа сите лидери на политички партии.

– Комисијата заврши многу. Досега имаа седум средби. Има доста нешта за коишто пред неколку години никој не сметал дека може да постигнеме согласност. Секогаш сум кажувал дека до вчера зборувавме дека сме еден народ. Да прифатиме дека сме братски народи. Ајде оваа убиствена војна од страна на Скопје да не продолжува, зашто ние немаме поблизок народ и луѓе. Ако ја запреме Северна Македонија на нејзиниот пат, потоа би било запишано во историјата дека откако сите 27 земји ги поддржале, токму Бугарија ги сопрела. Темата за Западен Балкан беше подигната на највисоко ниво. Ние сакаме и Албанија да чекори заедно со Северна Македонија во преговорите. Никогаш не сме се поставувале така и не сме кажале дека безусловно го поткрепуваме нивното влегување во ЕУ – рече Борисов.

Тој сепак уште еднаш посочи дека условувањето на Македонија би можело да се случува во текот на преговорите, појаснувајќи ги можностите на Бугарија за тоа.

– Ние имаме 71 инструмент потоа, толку се поглавјата за преговори. Нека сопрат да си играат со историјата и нека се концентрираат на иднината – рече Борисов.

Бугарската влада ќе формулира јасни крајни цели кои треба да бидат постигнати пред завршувањето на преговарачкиот процес за членство на Северна Македонија во ЕУ, изјави бугарскиот претседател Радев по консултативната средба со премиерот Бојко Борисов и министрите и некои партиски лидери

-Приемот на Република Северна Македонија во НАТО И ЕУ е важна стапка за гарантирање на мирот, стабилниот и постојан развој и просперитет на Југоисточна Европа. Бугарија секогаш во принцип и доследно ги поткрепувала европската и евроатлантската перспектива на Република Северна Македонија. Водено од тие принципи и прилики, бугарската влада иницираше потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, за кој се очекуваше дека ќе ги реши со децении напластуваните проблеми во нашите односи и да даде импулс и нова перспектива во развојот на тие односи. Но отсуството на конкретни услови, параметри и рокови во тој договор доведе до драстичен застој во неговото исполнување во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија. Уште повеќе, и покрај огромните напори вложени од бугарска страна, Заедничката комисија не постигна особени резултати, а посебно во последно време тие се вознемирувачки. Исто така, и поведението на нашата сосетка раѓа несигурност и недоверба.
Исто така, ќе има и прашања за кои ќе мора да се најде решение во секоја конкретна етапа од преговорите. Со таа рамка ќе биде запознаен и бугарскиот парламент. Особено внимание треба да се обрне на наставните планови и програми, на текстовите во учебниците, натписите во музеите и на спомениците, како и на државните медиуми – појасни бугарскиот претседател.

Тој рече дека е важно да се исцртаат црвени линии кои ќе бидат гаранција дека европската интеграција на Македонија нема да биде на сметка на бугарската историја, јазик и идентитет.

-Треба многу јасно да се стават предуслови, кои доколку не се реализираат, нема да се дозволи отварање нови поглавја, Тоа треба да биде јасно нагласено, како конкретна, отворена и конструктивна позиција уште на почетокот, при отварањето на преговорите – рече Радев.

На средбата кај Радев присуствуваше и вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов. Тој, како и во текот на викендот, по претпладневниот координативен состанок, кажа дека Бугарија не може безусловно да ја поддржува Северна Македонија и треба да постави многу јасни услови. И Каракачанов смета дека најдобра варијанта би била Северна Македонија и Албанија заедно да ги почнат преговорите за членство во ЕУ.

Слични тонови се слушнаа и до Грција, преку министерот за транспорт и врски.

-Ќе направиме сѐ за да се ублажат последиците од Договорот од Преспа, ќе ги заштитиме трговските ознаки и секако, правилно ќе играме, а ако биде потребно и со картата вето за интеграција на соседите во ЕУ. И сега правиме сѐ за да се ублажат одредени последици, особено да ги заштитиме трговските ознаки на бизнисите од Македонија и секако, правилно да ја одиграме, ако биде потребно и на картата на вето за интеграција на соседите во ЕУ. Тоа е најсилната алатка за притисок што ја имаме во овој момент и сите да бидат сигурни дека нема да ја оставиме неискористена, вели министерот за транспорт и врски на Грција, Костас А. Караманлис во интервју за грчкиот весник „Параполитика”, jави дописничката на МИА од Атина.