Фото: Министерство за одбрана

Македонскиот буџет за одбрана во 2020 година бил за 30 отсто повисок од оној во 2014 година, покажуваат споредбените податоци на НАТО. Скокот, всушност, се случил во 2019 година, кога буџетот за одбрана бил 130 милиони долари, за 29 милиони повеќе од претходната година.

Во тој период, одбраната имала најнизок буџет во 2017 година, кога изнесувал околу 94 милиони долари или 0,89 отсто од бруто домашниот производ (БДП). За споредба, годинешниот буџет на Министерството за одбрана изнесува 11,1 милијарди денари, или околу 214,3 милиони долари, што е 1,57 отсто од БДП.

Покрај износот, сменета е и структурата на одбранбениот буџет. Во 2014 година АРМ имала 5,6 отсто од буџетот наменет за нова опрема, а во 2020 година, според проценките на НАТО, тој процент бил 11,41. Во буџетот за 2021 година, пак, одбраната намени за опремување една четвртина од вкупно расположивите пари, односно 25 отсто од буџетот. Трошоците за персонал се намалени од 72,5 отсто од буџетот во 2014 на 62,6 отсто во 2020 година, а за инфраструктура се зголемени од 1,2 на 2,7 отсто.

Македонија во моментов има втора најевтина војска во НАТО, после Албанија. Одбраната во 2020 година чинела 66 долари по глава на жител, а граѓаните на Албанија, пак, за својот буџет за одбрана издоиле по 55 долари.

За споредба, во регионот Црна Гора за одбраната издвојува по 113 долари по жител, Бугарија 127 долари, Романија 222, Хрватска 229, Словенија 243, а секој жител на Грција лани платил по 459 долари за своето министерство за одбрана. Просекот во НАТО, без САД, е 503 долари по глава на жител, а со САД двојно повеќе.