БСЖ вакцините против туберкулоза се очекува да пристигнат во земјава за неколку дена, а во тек е организацијата на логистиката за нивна набавка од централното депо на УНИЦЕФ. Нови вакцини се чекаат откако Комисијата за имунизација одлучи привремено да ја одложи имунизацијата со БСЖ вакцината од бугарскиот производител „Бул Био“, откако во Хрватска беа пријавени четири сомневања за остеитис и остеомиелитис, односно воспаление на коскеното ткиво, кај мали деца по вакцинацијата.
Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираат дека во тек се проверки на сериите и квалитетот на вакцините, како и на можната поврзаност со пријавените несакани реакции.
„Родителите треба да останат смирени. Самото примање на БСЖ вакцината не значи дека детето ќе развие несакана реакција. Кај децата кои се во добра општа здравствена состојба и немаат симптоми, не се препорачуваат рутински дополнителни прегледи или дијагностички снимања само поради примањето на вакцината“, велат во ИЈЗ.
Oттаму додаваат дека родителите треба да ја следат здравствената состојба на детето и да побараат лекарска проценка ако забележат: болка или оток во пределот на коска или зглоб, ограничена подвижност на рака или нога, отежнато одење, избегнување потпирање на раката или ногата или необично избегнување движења на одреден екстремитет. Овие симптоми не значат нужно дека станува збор за компликација поврзана со БСЖ вакцината, бидејќи можат да се појават и при други здравствени состојби.
Во министерството велат дека вакцинацијата против туберкулоза е задолжителна, имајќи предвид дека земјава е подрачје со висок ризик од оваа болест. Според податоците што ги објави Министерството, на Институтот за ТБЦ во моментот се лекуваат 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 случаи се од оваа година.
